В недела избори во Германија: Народот најмногу ја сака Алис Вајдел од ултрадесната АФД, но другите партии нема да дозволат да стане канцелар

155

Овие избори се особено интересни, затоа што се очекува крајно десничарската партија, Алтернатива за Германија – АФД, да го постигне својот најдобар резултат досега. Оваа партија првпат по основањето во 2013 година сега предлага кандидат за канцелар. Фаворит на изборите се демохристијаните на чело со Фридрих Мерц, но втора, според анкетите, е токму АФД, која е поврзана со неонацисти и со заговори за соборување на државата, пишува „ЊујорктТајмс“. И покрај поддршката на народот, речиси не постојат шанси Вајдел да стане канцелар, зашто другите партии одбиваат соработка со нејзината партија

В недела, Германија ќе гласа на вонредни парламентарни избори. Кои се четврти во поновата историја на земјата, по Втората светска војна. Над 59 милиони германски граѓани имаат прво да изберат 630 пратеници, кои ќе изберат нов канцелар и влада, за што ќе бидат потребни 316 гласови. На изборите се натпреваруваат 29 партии, но само десет ќе имаат кандидати во сите 16 германски сојузни покраини.

Овие избори се особено интересни, затоа што се очекува крајно десничарската партија Алтернатива за Германија – АФД да го постигне својот најдобар резултат досега. Оваа партија првпат по основањето во 2013 година сега предлага кандидат за канцелар. Фаворит на изборите се демохристијаните на чело со Фридрих Мерц, но втора според анкетите е токму АФД, која е поврзана со неонацисти и со заговори за соборување на државата, пишува „Њујорк тајмс“.

Алтернатива за Германија е десничарска евроскептична политичка партија основана е во 2013 година од група економисти и интелектуалци кои беа незадоволни од начинот на кој владата на канцеларката Ангела Меркел се справува со кризата во еврозоната, за која веруваа дека е премногу скапа за германските даночни обврзници. Партиската платформа, иако не предвидуваше излегување на Германија од ЕУ, сепак се залагаше за укинување на еврозоната, враќање на германската марка и воведување на институтот директна демократија. Играјќи на картата за запирање на имиграцијата, оваа партија првпат си обезбеди пратенички столчиња пред осум години, кога незадоволството на граѓаните од големиот прилив на мигранти го достигна својот врв.

Актуелната лидерка на партијата, 45-годишната Алис Вајдел е кандидатот за канцелар. Нејзиниот дедо од страна на таткото бил истакнат нацистички судија, а семејството и е протерано од делот на Шлезија, сега дел од Полска, по Втората светска војна, објави „Ди велт“. Иако партијата со која раководи е силно антиимигрантски профилирана и строго се залага за семејните вредност, самата Вајдел била во врска со имигрантка од Шри Ланка, со која посвоила два сина. Оваа политичарка, која отворено ја признава својата сексуална ориентација, има докторат по економија, со години живеела во Кина, но нејзиниот дом е во Швајцарија. Критичарите ја нарекуваат безмилосен опортунист и „волк во овча кожа“.

Таа е првиот избор на германските граѓани за канцелар. Истражувањата во пресрет на изборите покажуваат дека кога би било можно канцеларот да се избира директно, 24 отсто од Германците би гласале за неа, додека на истокот на Германија таа ужива поддршка од дури 36 проценти. За разлика од неа, другиот кандидат за канцелар, Мерц, добил поддршка од само 20 отсто, а на истокот од земјата од само 16 проценти. Партијата има поддршка низ цела Германија и нема кандидати само во две од 16-те сојузни покраини, но најсилна е во поранешните комунистички и помалку просперитетни источни области. Сепак и покрај поддршката на народот, речиси не постојат шанси Вајдел да стане канцелар, зашто другите партии одбиваат соработка со Алтернатива.

Вајдел се залага Германија повторно „да биде на врвот ширум светот“, потклекнатата германска економија да ја врати на вистинскиот пат, да спроведе енергетска транзиција, но и да ја намали имиграцијата.

Но, за што ќе гласаат германските граѓани? На прво место е економијата која во Германија се наоѓа во голема криза, поради што канцеларот Олаф Шолц ја изгуби довербата. Второто големо прашање што ги засега Германците е имиграцијата. Германија прими милиони бегалци во последната деценија, а незадоволството од нив се зголеми по серијата напади извршени во текот на минатата година.

ИЗДВОЕНИ