Јавниот градски превоз во градот од утринава полека се нормализира, откако Владата вчера попладнето донесе одлука да му позајми нафта на ЈСП од државните резерви.
Африм Муча од Независниот синдикат на возачи при ЈСП потврди дека нафата за автобусите била испорачана уште вчереа вечерта.
-Испорачана е нафатата, колку возила се пуштени точно не знам, но полека превозот се нормализира. Според договорот нафта ќе има за седум дена, а во меѓувреме Градот треба да распише тендер за набавка на нафта – објасни Муча.
Директорот на ЈСП „Скопје“, Драги Кушовски уште во четвртокот вечерта истакна дека сите автобуси што се во возна состојба денеска редовно ќе сообраќаат.
На синоќешната вонредна седница, советниците во Град Скопје со 29 гласа „за“, усвоија заклучок со кој предлагаат поддршката од Владата за ЈСП „Скопје“ да може редовно и нормално да функционира и да ја обавува дејноста за кое е основано претпријатието, да продолжи и во иднина.
Во заклучокот, за кој на седницата беше постигнат консензус од координаторите на советничките групи, се предлага и заедно со Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) да продолжат разговорите со Град Скопје и јавните претпријатија за нормализирање на состојбите со градскиот превоз. Усвојувањето на овој заклучок следеше по двочасовната расправа во која имаше пофалби за владината одлука, но и партиски препукувања.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, на почетокот на седницата, ја пофали одлуката на Владата, посочувајќи дека успеале во разговор со премиерот Христијан Мицкоски да ја добијат потребната количина на гориво што ќе биде доволно за претпријатието до моментот додека не се склучи новиот договор ЈСП „Скопје“ да може да функционира во нормални услови.
Таа, оценувајќи ја одлуката на Владата како позитивен пример, се осврна и на минатото велејќи дека проблемите не се од денеска ниту се од вчера, туку дека скопските јавни претпријатија веќе традиционално три децении се загубари.
Скопјани вчера мораа да се снаоѓаат за да стасаат до своите работни места, откако јавниот градски превоз во главниот град беше драстично редуциран, поради недостигот на гориво.
За денеска во 13.30 часот е најавен протест пред Град Скопје кој го иницираше градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш. Тој вели дека жителите на општината се соочуваат со големи потешкотии, поради долгото чекање на автобусите и недостатокот на јавен превоз, што особено се чувствува во зимскиот период.
Протестот ќе биде мирен, а Дудуш ги повика сите граѓани на Скопје да се приклучат, бидејќи проблемот не е само на Шуто Оризари, туку го засега целиот град. Линиите во Општина Шуто Оризари ги покриваат автобусите на приватните превозници, но поради нивниот бојкот, жителите на оваа скопска општина превоз имаа само во попладневните часови поради што се интервенираше со пуштање линија и од ЈСП. Но, проблемот со нафтата го нарушија распоредот на возилата.