Утрешниот „Марш за ангелите“ во Скопје за трагедијата во Кочани ќе го поддржат и студентите

43

Универзитетското студентско собрание на УКИМ ја дава својата јавна поддршка на протестниот марш „Марш за ангелите”, кој ќе се одржи утре, 29 април 2025 година, во Скопје, во организација на семејствата настрадани во пожарот во дискотеката „Пулс” во Кочани.

Протестот ќе започне пред Обвинителството во Скопје во 12:05 часот – време кое симболично ја означува задоцнетата реакција – и ќе продолжи кон Градскиот плоштад, а потоа пред Собранието на Македонија.

„Како Универзитетското студентско  собрание на УКИМ, сметаме дека е наша обврска, пред сè како граѓани, а потоа и како студентска заедница, да застанеме во знак на сочувство и поддршка кон оние кои претрпеа голема загуба и заедно да повикаме на одговорност и правда. Го поддржуваме барањето за јасни одговори и за итно преземање на одговорност од страна на институциите.

Ги повикуваме сите студенти, како и целата јавност, да се приклучат и достоинствено, но гласно, да испратиме порака дека Македонија заслужува подобро“ велат од УСС.

ИЗДВОЕНИ