Утре и в недела се празнуваат Лазарева сабота и Цветници 

121

На Лазарева сабота обичај е да се носат гранчиња од врба што симболично претставува свечено Христово влегување во Ерусалим, каде што го пречекале следбениците. В недела, пак, веднаш по Лазарева сабота е празникот Цветници. Познат е уште и како Цветоносна недела и Врбица. Овој празник секогаш е една недела пред Велигден и се празнува во спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери со цвеќе и врбови гранчиња, како и со својата облека, му го постилале патот по кој минувал

 

Една недела пред големиот христијански празник Велигден, кој верниците со радост го очекуваат Христовото воскресение, викендов се прославуваат два поголеми христијански празници од пролетниот циклус. Денеска е Лазарева сабота, а ден по него, односно в недела е Цветници.

На Лазарева сабота се споменува чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар извршено од Исус Христос. Овој настан бил шест дена пред предавството и убиството на Христос на Голгота. На Лазарева сабота обичај е да се носат гранчиња од врба што симболично претставува свечено Христово влегување во Ерусалим, каде што го пречекале следбениците. На овој ден обично се оди на река и се вели: „Колку далеку го фрлив овој камен, толку подалеку да биде змијата од мене“.

Дента се бере цвеќе, но не се внесува дома, туку важно е да се остави во дворот. Во нашата традиција се верува дека на Лазарева сабота не треба да се внесува цвеќе во куќата се до Цветници, бидејќи на членовите на семејството до следната Лазарева сабота нема да им оди од рака во тоа што ќе го работат. Потоа, со цвеќето се кити домот, а со водата каде стоело се замиваат домашните. Во Македонија групи девојчиња – Лазарки, облечени како невести одат и пеат лазаревски песни, како обичај за големиот празник.

По повод Лазаревото воскресение – Лазарева сабота, Здружението за возобновување на вистински православни традиции „Бадникови поворки“ ќе организираат празничната поворка, која ќе се одржи во Скопје. Поворката ќе започне во 12 часот, од плоштад „Македонија“, а ќе биде проследена со традиционални пеења – каланди, изведени на традиционални инструменти од музичари, а отпеани од хористи и верен народ.

– Повикајте ги сите од семејството, пријателите и најблиските – да се соединиме во ова заедничко претпразнично дружење кое ќе сведочи за верата и очекувањето на радоста. Да ги оживееме старите  традиции што ни ја враќаат живата врска со нашите корени и вистинските вредности – апелираат од „Бадникови поворки“.

В недела пак, е празникот Цветници, познат е уште и како Цветоносна недела и Врбица. Овој празник секогаш е една недела пред Велигден и се празнува во спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери со цвеќе и врбови гранчиња, како и со својата облека, му го постилале патот по кој минувал. Меѓутоа, се празнува од III век. Во Македонија на овој празник постојат различни обичаи.

На пример во гостиварско Зубовце, на овој ден младите невести, девојките и девојчињата со кошници во рацете, одат на прошетка во селските ливади. Берат цвеќиња. Прават толку цветни китчиња колку што има членови во нивната фамилија. Прават и една поголема китка за куќата која, по враќањето дома, ја оставаат пред домашната икона.

По берењето на цвеќињата и при правењето на китчињата, младите невести, девојките и девојчињата пеат: „Ајде Цвето на цвеќе, Лазаре Цвеќе да си береме, Лазаре, Китки да си китиме, Лазаре, Кому китка по китка, Лазаре, На Лазара пет китки, Лазаре. Младите невести, девојките и девојчињата со китките во раце пеат и други песни и играат“.

Во Скопско на Цветници се одело во црква од каде секој земал китка цвеќе, ја ставал во појас и ја носел цел ден. Во селата на Скопска Црна Гора тој ден се раздавал здравец, а по службата во црквата жените служеле баница, погача, ракија и слично. Интересен обичај што се изведувал на овој ден е обичајот – Кошкање на децата. Во минатото на овој обичај му се посветувало големо внимание. Ги кошкале сите деца што биле родени меѓу двете лазареви саботи, што значи деца до една година. Ги кошкале дури и децата што имале по неколку дена. За овој обичај секоја мајка месела погача наутлија. Откако ќе ги испееле сите лазарски песни лазарките застанувале во збиен круг, мајката им го давала бебето, тие го прифаќале и со кревање горе-долу неколку пати си го подавале една на друга, го кошкале така до три пати и за тоа време пееле: „Имаш мајка, имаш татко, гајтане мој, гајтане мој, од капата една пара, гајтане мој,  гајтане мој. Ем с’с мајка, ем с’с татко, гајтане мој, гајтане мој“.

Откако ќе ја испееле песната три пати, едно од девојчињата „со мајка и со татко“ (што значи да не е сираче) застанувало насреде во кругот, а една постара жена обично свекрвата ја земала погачата, ја раскршувала над главата на детето и едната половина им ја давала на лазарките, а другата половина ја земала мајката и ја раздавала на роднини и пријатели за здравје на детето.

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ