На површина од 51 хектар на просторот кај Старо Нагоричане, во близина на Кокино, кој беше опожарен пред три и пол години, денеска, во рамките на акцијата за пошумување „Сончева гора“, беа насадени последните 3.500 садници. Во пошумувањето учествуваа над 150 волонтери, кои насадија: црн бор, бел бор и аризона чемпрес. Оваа акција се спроведува трета година по ред откако Министерството за земјоделство и „Национални шуми“ одлучија да насадат по едно дрво за секои 10 килограми собран отпад во текот на „Генералка викенд“
На површина од 51 хектар на просторот кај Старо Нагоричане, во близина на Кокино, кој беше опожарен пред три и пол години, денеска, во рамките на акцијата за пошумување „Сончева гора“, беа насадени последните 3.500 садници. Во пошумувањето учествуваа над 150 волонтери, кои насадија: црн бор, бел бор и аризона чемпрес.
Трета година по ред, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и „Национални шуми“ посветуваат по едно дрво за секои 10 килограми собран отпад во текот на „Генералка викенд“.
Директорот на јавното претпријатие „Национални шуми“, Здравко Трајанов, објасни дека овој простор, кој беше опожарен пред три и пол години, најпрво бил расчистен, по што следувала обработка на теренот, па на крајот пошумување.
– Пошумувањето значи влог во иднината, влог во екологијата. Како јавно претпријатие задолжено за шумите, една од заложбите е пошумување на голините на стручен начин за да имаме поголема успешност на растењето на дрвјата – изјави Трајанов.
Државниот советник во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Даниела Иротова-Лазарева, истакна дека годинава во буџетот на Министерството се издвоени околу 20 милиони денари за пошумување.
– Но, програмата што ја опфаќа Министерството не е само пошумување, туку и чистење на површините од пожарите од оваа година, мелиорација, заштита, односно третирање, преглед на садниците што се произведуваат – нагласи Иротова-Лазарева, која најави дека за наредната година, предвидени се 30 милиони денари за пошумување.
Државниот секретар за животна средина и просторно планирање, Ресми Ејупи, ги поздрави сите партнери и сите учесници во акциите, зашто, како што рече, „сите овде нè обединува силната желба со личен пример да ја поттикнеме и развиеме свеста за животната средина“.
– На отпадот не му е местото во природата. Тој е производ на нашето однесување и живеење, само ние самите можеме да го исчистиме и од нас зависи каде ќе го фрлиме и како ќе го третираме. Со оваа акција, праќаме порака како треба да го замениме отпадот со зеленило и со чиста животна средина – потенцираше Ејупи.
Гордана Софија од „Мен енд моунтаин“, кои се организатори на најголемата еколошка акција во земјава – „Генералка викенд“, истакна дека се среќни што се собрани сите партнери на оваа, како што рече, преубава локација во Старо Нагоричане, близу Кокино, за да ги насадат последните 3.500 дрвја, на вкупна површина од 51 хектар.
– Ќе никне уште една „Сончева гора“ и ќе донесе чист воздух за сите – заклучи Гордана Софија.
Инаку, во рамките на најголемата еколошка акција во земјава – „Генералка викенд“ за само четири години се насадени повеќе од 125.000 дрвја и се собрани 915.000 килограми отпад, а досега учествуваа над 44.000 пријавени волонтери, од кои повеќе од 10.000 ученици и студенти.
(А.П.) Фото: (Ѕ.П.)