УСТАВНИТЕ СУДИИ ДЕНЕСКА ЌЕ СЕ ПРОИЗНЕСАТ: Ќе има ли воопшто независни кандидати за градоначалници и за советници на локалните избори?

768

На претстојните локални избори во земјава, се заканува опасноста воопшто да нема независни кандидати за градоначалници и за општински советници, бидејќи нема да може да ги исполнат условите за пријавување. Ова произлегува од фактот што на октомвриските избори за првпат ќе почнат да се применуваат заострените законски услови за пријавување на кандидатите што немаат партиски книшки. Големото мнозинство од пратеници од власта и од опозицијата, со само два воздржани гласа и без гласови „против“, лани во март, пред парламентарните и претседателските избори, по итна постапка и без дискусии ги смени одредбите за независни кандидати во Изборниот законик. Така, за да се најдат сега на гласачкото ливче, независните кандидати за градоначалници и за советници, како и за пратеници, треба да соберат потписи од еден отсто од вкупниот број гласачи запишани во конкретната изборна единица. Во Градот Скопје, пак, на пример, една независна листа за советници, според досегашните правила, требаше да собере 1.000 потписи, а со новите ќе треба да има над 4.500. Ако за поднесување независна листа за пратеници во која и да е од шесте изборни единици досега се бараа 1.000 потписи, сега ќе бидат потребни од 2.500 до 3.500, зависно од големината на изборната единица.

На последните локални избори, едвај десетина независни листи освоија дваесетина советнички места во некоја од осумдесетината македонски општини. Претставниците на ваквите граѓански организации неодамна, пред Уставниот суд, ги оспорија законските промени, а за што ќе решаваат судиите на денешната седница.

– Подносителите сметаат дека со оспорените членови се прави измена на  членовите 61 и 62 од Изборниот законик. Се тврди дека е драстично подигнат прагот за поднесување независни граѓански листи на изборите, на 1 отсто од гласачкото тело, што, според нив, предизвикува нееднаква положба на граѓаните при здружување во иницијативни групи за поднесување независни листи за учество на изборите. Се наведува дека овие измени создале нееднаквост на граѓаните и дискриминација во корист на партиите, имајќи предвид дека секоја партија што, исто така, претставува група граѓани, може да поднесе листи со кандидати, а е регистрирана со 1.000 гласачи. Дополнително, според подносителите, спорно е што се донесени измените во нетранспарентна и скратена постапка, без претходни консултации и јавна расправа – информираат од Уставниот суд.

Горјан Јовановски, независен советник во Советот на Скопје, кој е од граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“, вели за ВЕЧЕР дека очекува интервенција на уставните судии.

– Целта на оваа промена е да се отежне вклучувањето на граѓаните во работата на институциите на локално и на централно ниво. Инаку, зошто би ги зголемувале праговите, кои во други европски земји како Бугарија, Хрватска, Романија… се многу ниски – од неколку, па до неколку стотици потписи само. А, нам ни се бараат околу 4.500 потписи само за Советот на Град Скопје. Апсурдна и непотребна беше промената и таа ќе предизвика намален интерес на граѓанските организации да се вклучат на локалните и на националните избори. Но, така им одговара на партиите. Но, ако сакаме да бидеме демократска земја свртена кон ЕУ, уставните судии треба да интервенираат – ни рече Јовановски.

Од друга страна, и политичките аналитичари укажуваат дека предвидените услови и бројот на потписи на граѓаните се големи. Аналитичарот Александар Ристовски смета дека би требало да се помали бројките.

– Бројките што се кажуваат, еве барем за места како за Град Скопје, се големи. Во основа, истите, како собрани потписи, не би требало да бидат, на пример, поголеми од 50 отсто од бројот на гласови потребни за освојување на барем едно советничко место. Така што, доколку се станува советник со 2.000.-3.000 гласа, не би требало да се бараат повеќе од 1.000 потписи. Од друга страна, делумно и ги разбирам партиите, затоа што на места каде што е преголема партиската поларизација, со тоа што ги немаат советите на своја страна поради советници што се некаква трета опција, односно се независни, многу процеси стојат закочени – наведува Ристевски.

Тој додава дека последните два изборни циклуси на локално ниво покажале дека, генерално, гласачите не сакаат да гласаат за партиските понуди на советниците. Тоа е своевиден аларм за партиите, кои треба да отидат подалеку од претседателите на сопствените ограноци, комитети, клубови, организации.

– Да почекаме на одлуката на уставните судии. Ако остане, можеби, независните ќе се охрабрат да формираат самостојни партии со 1.000 потписи и така да настапат на изборите. Оти народот, очигледно, не е среќен и задоволен од понудата за советници, а понекогаш и за градоначалници, понудени од партиите. За тоа треба да размислат и партиите, како ги составуваат кандидатските листи – наведува Ристовски. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ