Уставниот суд оформи предмет, по иницијативата на адвокатот Жарко Стеваноски, за оценување на уставноста на член 10, став 4, од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово-Гостивар-Букојчани) и проектот за автопатот Требеништа-Струга-Ќафасан) и коридорот 10 (делница на автопатот Прилеп-Битола) во Република Македонија.
Стеваноски за весникот ВЕЧЕР потсетува дека ова е втора иницијатива, бидејќи во првата Уставниот суд донесе одлука да не поведе постапка за оценка на оспорениот член 10, со кој се предвидува на Стратешкиот партнер да му се дозволи да почне истражување и експлоатација на минерални суровини уште со чинот на поднесување на барањето за концесија од страна на инвеститорот наведува подносителот.
Тој смета дека одредбата е во спротивност со сите применливи регулативи за минерални суровини. Подносителот приложува пресуди, вешт наод и мислење со кој утврдува дека должниците го немаат комплетирано барањето за концесија за експлоатација, дека минирањата се изведени без целосна документација и без записници за извршените минирања.
– Судот овој пат мораше да оформи предмет бидејќи со претходната одлука образложи дека судската заштита е загарантирана со специјалниот закон. Ја доставив целокупната документација од судските постапки против „Бехтел и Енка“ и ЈП за државни патишта, согласно кои судовите (Основниот суд во Прилеп и Апелацискиот во Битола) зазедоа став дека станува збор за посебен закон кој дозволува таков начин на работа на стратешкиот партнер. Тоа е спротивно на одлуката на Уставниот суд и практично сега може да ја види судската заштита на која се повикува. Одлуката на Апелацискиот суд Битола ја обжаливме и пред Европскиот суд за човекови права – вели Стеваноски.
Оспорената одредба гласи – „додека се користат експроприраните јами и каменоломи за целите на проектот, инвеститорот и стратешкиот партнер ќе ги почитуваат сите применливи регулативи за минерални суровини, со исклучок на тоа дека на стратешкиот партнер ќе му биде дозволено да започне со истражување и експлоатација на минерални суровини за целите на проектот штом барањето за доделената концесија за истражување и експлоатација е поднесено од страна на инвеститорот”.
(С.Бл.)