– Оваа скандалозна одлука, донесена од тогашната локална власт на СДС и ДУИ, освен што претставуваше популистичка мерка и обид за мобилизирање изборни гласови од албанското гласачко тело, исто така е и директна спротивност на членот 6 од Законот за именување улици, мостови и плоштади – изјавија од Левица. Оттаму посочуваат дека оваа одлука ги навредува националните чувства на македонскиот народ и може да предизвика нетрпеливост и раздор меѓу различните етнички заедници во земјава
Уставниот суд ја одби иницијатива на Левица, со која беше оспорена одлуката за промена на именувањето улици, по, како што велат од партијата, „балистички и шовинистички ликови“. Одлуката беше донесена од Советот на Град Скопје, кога градоначалник на Град Скопје беше Петре Шилегов, и предизвика голема контроверзија.
– Оваа скандалозна одлука, донесена од тогашната локална власт на СДС и ДУИ, освен што претставуваше популистичка мерка и обид за мобилизирање изборни гласови од албанското гласачко тело, исто така е и директна спротивност на членот 6 од Законот за именување улици, мостови и плоштади – изјавија од Левица.
Оттаму посочуваат дека оваа одлука ги навредува националните чувства на македонскиот народ и може да предизвика нетрпеливост и раздор меѓу различните етнички заедници во земјава.
Според Левица, улиците што се опфатени со нивната иницијатива сега ги носат имињата на ликови како: Митхад Фрашери, Сул Хота, Ернест Колиќи и Адем Демачи, кои немаат никаква поврзаност со македонските историја и држава. Како што велат, овие имиња се спротивни на антифашистичкиот дух на борбата на македонскиот народ за слободна држава.
– Со ваквата одлука, беа избришани имиња на улици што ја симболизираат антифашистичката борба на македонската нација, како улиците: „Втора македонска бригада“ и „Македонско-косовска бригада“– нагласуваат од Левица, додавајќи дека ваквите одлуки имаат цел системско бришење на заедничката борба против фашизмот, врз која почива македонската држава.
Од Левица го оценија потегот на Уставниот суд како „скандалозен“, нагласувајќи дека со одбивањето на иницијативата, Судот му дава легитимитет на процесот кој, според неа, води кон ревизионизам на македонскиот идентитет.
– Со оваа одлука се легитимизира процесот на бришење на АСНОМ и на неговото значење за македонскиот народ – заклучуваат од Левица.
Митхад Фрашери од 1942 година бил претседател на албанското фашистичко движење Бали Комбетар. Откако Албанија се ослободила од фашизмот, побегнал во Италија.
Сул Хота бил воен командант на фашистичката Бали Комбетар и главен соработник на бугарските фашистички окупатори во Втората светска војна. Од Бугарите бил назначен за шеф на полицијата во Матејче и им помагал во борбите против партизаните.
Ернест Колиќи бил новинар, писател, поет и учител, но на погрешната страна. Бил министер за образование на Албанија во текот на италијанската окупација на Албанија во Втората светска војна. Неговите политички ставови биле профашистички и поради тоа многу негови дела биле забранети.
Додека Адем Демачи бил апсен од југословенските власти поради сепаратизам и во 80-тите бил еден од најголемите југословенски дисиденти. Бил во политичкото крило на УЧК.
(А.П.)