Најавите на премиерот Христијан Мицкоски за разрешување на членовите на Судскиот совет, аргументирајќи ги со ниската доверба на граѓаните во правосудството и со партизација на членовите на Советот, резултираше со неусвојување на нивниот годишен извештај во Собранието и го отвори патот за отповикување на петтемина членови што доаѓаат на предлог од пратениците и од претседателот.
Иако беше најавено дека процедурата за разрешување на членовите на Судскиот совет ќе започне по новогодишните празници, преку Комисијата за избори и именувања, сепак, собранискиот спикер, Африм Гаши, денеска брифира дека нема да се избрзува и оти ќе се носат законски измени што ќе го овозможат тоа, преку консултации со правни експерти и институции за да не се прекршат одредбите од Уставот и од Деловникот.
– Јас, од моја гледна точка, не можам да кажам, затоа што не сум релевантен да одговорам дали има ингеренции Собранието во овој момент да разрешува членови на Судскиот совет. Ни треба стручен и содржаен одговор и затоа се консултираме со експерти. Би било добро да има добра, квалитетна реформа во правосудството и, конечно, граѓаните да бидат среќни и да веруваат во тој правен систем – изјави Гаши на редовниот брифинг со новинарите.
На прашањето дали оваа конкретна законска измена, со која ќе се овозможи Собранието да ги разреши членовите на Судскиот совет, мора да го чека целиот пакет закони за реформи во правосудството, Гаши одговори дека нема да го чекаат целиот пакет закони.
– Принцип во правото е дека оној што составува еден орган, тој и го разрешува. Не значи дека треба да го чекаме целиот реформски пакет, но, како што реков, за смена на членовите сакаме да бидеме внимателни, точни и коректни со Уставот и со законите. Сакаме да не губиме време да влегуваме во процеси, па подоцна тие да се прогласат за неуставни. Уставниот суд брифирал дека Собранието не смее да разрешува членови на Судскиот совет, а тоа значи дека има правни дилеми и затоа сме претпазливи. Се консултираме и сакаме да дојдеме до најдоброто решение, а тоа може да трае со денови – изјави Гаши на брифингот и додаде дека нема информации дека некоја пратеничка група подготвува измени на Законот за судски совет.
– Во предизборната кампања, клучно ветување ни беше реформата во правосудството и сакаме да го направиме ова сериозно, консензуално, долгорочно и ако треба, да го смениме и Уставот. Мора јасно да ги детектираме проблемите и да ги решиме за да не ги решаваме во од, така како што се појавуваат. Затоа треба да се дијагностицираат, па да прејдеме на терапија, оти превентивата одамна не ни врши работа – рече Гаши.
Новиот претседател на Судскиот совет, Александар Камбовски, назначен откако неговата претходничка Весна Дамева поднесе оставка поради притисоци од власта, изјави дека Собранието не може да разрешува членови на ова тело и оти за тоа има Закон за Судскиот совет.
– Единственото место каде што е предвиден начин или постапка за разрешување на член на Судскиот совет е во Законот за Судскиот совет. На друго место, јас не сум сретнал по законите дека постои таква можност – да бидат разрешени во некоја друга постапка. Значи, разрешувањето се одвива во Судскиот совет – изјави Камбовски.
Премиерот Христијан Мицкоски, во средата, изјави дека оној што избира, тој и отповикува.
– Нелогично е тој што ги избира членовите на Судскиот совет да не може да ги отповика, особено во услови кога не им го прифаќа извештајот за работењето. Ако само критикуваме, а ништо не преземаме, тогаш сме ја изневериле довербата на граѓаните – рече Мицкоски и додаде дека ги разгледуваат сите законски можности и, како Влада, нема да прават ништо што е спротивно на Уставот и на законите.
Советот е составен од 15-мина членови, од кои 13-мина се со право на глас, осуммина членови се судии што се избираат на тајни судиски избори и за нив гласаат судиите. Тројца членови ги избира Собранието, а двајца ги предлага претседателот на државата, со тоа што изборот го врши Собранието. Овие петмина членови се предлагаат од редовите на, како што е наведено во Законот, истакнатите правници. Мандатот на избраните членови трае шест години, со право на уште еден избор. (П.А.)