Уставниот суд денеска ќе ја одржи 32-та седница на која меѓу точките на дневен ред се и иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците во однос на Указот за негово прогласување, на Законот во целина, како и одделно сите 25 членови на законот.
ДУИ во пресрет на расправата започна со „стража за јазикот“ со деноноќно присуство пред Уставниот суд, со што велат, застануваат во „одбрана на Законот за јазици“.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова им порача на партиските лидери да се воздржуваат од коментари воочи одлуката на Уставниот суд по однос Законот за јазиците, а премиерот Христијан Мицкоски со порака до граѓаните да не потпаѓаат на провокации од ДУИ кои, вели, се однесуваат како политички глодари.
Активисти на опозициската Демократска унија за интеграција, на 8 декември се собраа пред Уставниот суд, кои, како што најави партискиот функционер Арбер Адеми, ќе останат таму до денеска кога треба да се одржи седница за Законот за употреба на јазиците.