Уште една земја се подготвува да се приклучи на Шенген?

38

Кипар до крајот на оваа година ќе ги реши сите технички прашања неопходни за влез во Шенген зоната, изјави денеска кипарскиот претседател Никос Христодулидес. Кипар и Ирска, кои немаат копнени граници со другите земји на Европската унија, се единствените членки на Унијата надвор од Шенген зоната, откако Романија и Бугарија станаа полноправни членки на 1 јануари.

„Разговаравме за сите политички проблеми поврзани со линијата за прекин на огнот и сега ги финализираме техничките детали потребни за пристапување во Шенген“, рече Христодулидес во Никозија, пренесува Политико.

Тој ги истакна предностите што членството во Шенген ќе му ги донесе на Кипар, особено во туризмот и инвестициите и истакна дека тим во Министерството за надворешни работи го следи пристапниот процес.

Кипар е единствен случај, бидејќи островот беше поделен во 1974 година помеѓу Република Кипар на југ и север, која беше окупирана од Турција. Ако Кипар влезе во Шенген без да го реши проблемот, Зелената линија, моментално тампон зона, ќе стане тврда надворешна граница на ЕУ.

Ова ќе бара проверки на пасошите на премините, што потенцијално ќе ги зголеми тензиите. Официјалните претставници на ЕУ предупредија дека за полноправно членство во Шенген ќе бидат потребни промени во Регулативата за зелена линија, која го регулира движењето низ поделениот остров.

Христодулидес изјави и дека Кипар е во завршна фаза од преговорите за укинување на визите за влез во САД и се очекува наскоро американската делегација да ја посети Никозија за да разговара за деталите.

ИЗДВОЕНИ