Уште 12 повредени во пожарот во Кочани вечерва со авион се префрлени на лекување во Белград. Четворица од нив ќе бидат хоспитализирани во Воено медицинската академија, а осум во Универзитетскиот клинички центар, потврди за МИА д-р Игор Николов, кој е контакт-лице за сите информации поврзани со состојбата на пациентите во странство.
Со најновиот транспорт, досега во Белград се префрлени вкупно 29 пациенти, од кои дел се на лекување и во Ургентниот центар.
Покрај префрлањата во Србија, двајца повредени заминуваат на лекување во Виена, а тројца во Атина. Во меѓувреме, во Клиниката за токсикологија во Скопје се хоспитализирани 10 лица со интоксикација од гасови, додека уште три лица се под медицинска опсервација поради вдишување на гасови.
Пожарот во дискотеката во Кочани однесе 59 животи, а 155 лица се повредени. Најтешко повредените се хоспитализирани во земјава и во странство, додека останатите се под лекарска грижа во болниците низ Македонија.