Шестмина работници кои паднаа во вода кога се урна мостот во Балтимор, во вторникот, се водат како исчезнати, но се претпоставува дека се мртви.
Ова го изјави извршниот директор на компанијата која вработува градежни работници на мостот. Од водата завчера беа извадени двајца, од кои еден неповреден, додека другиот е во болница во многу тешка состојба.
По исчезнатите работници сè уште се трага, а со помош на сонар во водата се пронајдени возила, кои паднале од мостот, кој служел како обиколница претежно за камиони, но не се знае колку ги има.
Пристаништето во Балтимор до кое единствениот приод е преку урнатиот мост, сега не работи со што на трговијата ѝ е нанесена штета од околу 80 милијарди долари. Ова е едно најголемите карго пристаништа во САД, односно деветто по големина американско пристаниште за надворешна трговија. Преку него годишно минуваат околу 52 милиони тони стока.
Во затвореното пристаниште моментално се заробени 10 товарни бродови кои немаат како да излезат од него, а околу 40 бродови кои требало да пристигнат се пренасочени на други пристаништа.
Ова пристаниште активно го користат некои од најголемите светски производители на автомобили, како „Нисан“, „Тојота, Волво“, „Ауди“, „ламборџини“, „Фолксваген“. Преку него само минатата година поминале над 750.000 возила, а сега се очекува задоцнување на нарачаните возила за американскиот пазар.
Тоа е и најголемото американско пристаниште по волумен за земјоделска и градежна машинерија, како и за земјоделски производи.
Освен стока, пристаништето е и една од главните локации за тргнување на големите патнички бродови (крузери), па низ него минатата година поминале над 444.000 луѓе.
Исто така, преку мостот што се урна секојдневно поминувале по околу 30.000 луѓе.
И понатаму останува нејасно што довело до ударот на бродот во мостот. На снимката се гледа дека пред ударот снемува струја на бродот и неколку секунди подоцна се враќа. Ниту еден од 22 члена на екипажот на бродот не е повреден.
Засега спасувачките екипи работат на откривање и спасување на луѓе кои во моментот на судирот се нашле на мостот. Се проценува дека неговата санација ќе трае неколку недели, а до повторното отворање пристаништето нема да работи, со што материјалната штета од овој инцидент ќе расте.