Уништени 13 надгробни споменици во православните гробишта

37

За неполна година, на двапати, се уништени надгробни споменици и се осквернавени гробови во православните гробишта во селото Гостиражни, општина Долнени. Лани во декември и годинава на крајот на октомври се вандализирани 13 од 16 гробови во Гостиражни.

Освен тоа, искршени се и прозорците на селската црква „Свети Атанас“.

-Полицијата направи увид, но досега ништо нема откриено и не се знаат сторителите на овие ужасни чинови, вели Владо Спасески, жител на селото Гостиражни.

-Првиот пат, отидов да запалам свеќа на гробот на татко ми. Тоа што го видов беше страшно. Искршени и расфрлани споменици, венци. Почнав да шетам низ гробиштата и пронајдов многу уништени надгробни споменици. Глетката беше ужасна. Викнав полиција, направија увид, ме прашуваа дали сум видел нешто, но не видов ништо. И не знам кој може да ги вознемирува мртвите. Јас ја чукам камбаната, ама оттогаш ми е страв сам. Првиот пат тоа го забележав за Свети Никола, лани, а сега повторно се случи на 23 октомври. Освен тоа, меѓу двата вандалски чина, ги најдовме искршени со камен прозорците во црквата „Свети Атанас“ – објаснува Спасески.

Во Гостиражни има стотина жители, од кои десетина се од македонска, а најголемиот дел од албанска националност. Полицијата правела увид, но не се знае кој ги уништува гробовите.

-Ги најдов уништени надгробните споменици и од брат ми, и од татко ми, и од мајка ми. Од брат ми на двапати. Не знам кој може да го направи овој ужасен чин. Разговарав со другите, никој не знае ништо. Инаку, нема проблеми, живееме сите –  рече Крсте Крстевски, жител на селото Гостиражни.

Од МПЦ остро ги осудија овие вандалски и неразумни чинови на сквернавење.

-Станува збор за вандализирани 16 гроба и искршени прозорци на црквата „Свети Атанас“ во Гостиражни. Ова говори дека се врши силен притисок, застрашување на православното население во Гостиражни, и ова ќе продолжи – изјави владиката Петар.