Кошаркарите на Реал Мадрид останаа без трофејот од шпанскиот Суперкуп, откако во големото финале беа поразени од Уникаха со 90:80. Со тоа Уникаха за првпат во својата историја го освои шпанскиот Суперкуп, додека на Реал му побегна десеттиот јубилеен трофеј.

„Кралскиот клуб“ си создаде проблеми уште во првата четвртина, која ја загуби со огромни 32:19, но успеа да се врати и на полувремето да замине на само минус четири. Се очекуваше Реал брзо да поведе, но Уникаха наместо тоа отиде на нови +13. Сепак, избраниците на Чус Матео беа на -5 пред последната четвртина.

Реал со сите сили се обидуваше да направи пресврт, но едноставно не успеа. На крајот, тимот од Малага славеше во мечот во кој водеше од првата до последната минута.