Средствата од централниот буџет ќе бидат префрлени кон Развојната банка. Според министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, побарувачката кај компаниите за користење на средствата е неколку пати поголема од износот на кредитот и средствата се достапни за сите компании.
Премиерот Христијан Мицкоски најавува уште толку пари како поддршка за домашните компании бидејќи имало голем интерес за реализација на проекти вредни 380 милиони евра. – Интересот на компаниите до овој момент е 380 милиони евра што значи дека бизнисот е гладен. Имало проекти, но можеби требало евтини пари за да тие проекти се реализираат и ќе ни донесат многу повеќе работни места. Кога разговаравме со стопанските комори, поставивме една цел, 5000 нови работни места, но моите информации велат дека таа бројка е дуплирана со реализација на дополнителните проекти – вели Мицкоски
Првата транша во износ од околу 11 милиони евра, од средствата наменети за поддршка на компаниите обезбедени со унгарскиот заем, ќе биде исплатена утре. Средствата од централниот буџет ќе бидат префрлени кон Развојната банка.
Според министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, побарувачката кај компаниите за користење на средствата е неколку пати поголема од износот на кредитот и средствата се достапни за сите компании.
– Согласно со условите што ги одреди Владата, право на пристап до овие средства имаат сите компании, со исклучок на оние што се занимаваат со производство на алкохолни пијалаци, производство или трговија со тутун, како и со дејности поврзани со коцкањето, казина и еквивалентни претпријатија – рече министерката.
Директен увид во одлуките на банките за тоа кои проекти ќе бидат поддржани, според Димитриеска-Кочоска, нема, но доколку има отстапки, банките би можеле уште еднаш да ги разгледаат апликациите и да ги земат предвид билансите на компаниите.
Таа се осврна и на делот од заемот што е повлечен од Унгарија за поддршка на општините и изрази задоволство од реализацијата на тие средства.
– Очекувам да имаме одлична реализација, имајќи предвид дека имаме изборна година и дека секој еден градоначалник, без разлика од која политичка партија е, ќе има желба за побрза реализација на проектите со кои ќе аплицира – рече министерката.
Како што е познато, 500 милиони евра од унгарскиот кредит се искористени за враќање на долгот , поточно за еврообврзницата земена во 2018 година, а другите пола милијарда се искористени за проекти и во бизнисот – 250 милиони евра за општините и 250 милиони за бизнисот. Премиерот Христијан Мицкоски најавува уште толку пари како поддршка за домашните компании бидејќи имало голем интерес за реализација на проекти вредни 380 милиони евра.
– Интересот на компаниите до овој момент е 380 милиони евра што значи дека бизнисот е гладен. Имало проекти, но можеби требало евтини пари за да тие проекти се реализираат и ќе ни донесат многу повеќе работни места. Кога разговаравме со стопанските комори, поставивме една цел, 5000 нови работни места, но моите информации велат дека таа бројка е дуплирана со реализација на дополнителните проекти – вели Мицкоски.
Тој очекува барањата на компаниите да стигнат до половина милијарда евра.
– Тоа за мене е предизвик и инспирација да побарам вакви нови средства за бизнисот, затоа што очигледно бизнисот е гладен, сака развој, сака свежи пари, евтини пари за да може да се развива, да додава вредност и да креира нови работни места за младите и да не биде по принципот „како до сега“ изминативе 7 години, да ги полнат автобусите и да се селат – рече премиерот Мицкоски.
Економијата закрепнува и се стабилизира, во четвртиот квартал раст на БДП од 3,2 %
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, смета дека растот на БДП од 3,2 % проценти во четвртиот квартал од годината е сигнал дека економијата почнува да закрепнува и постепено да се стабилизира.
– Економијата покажува значителни знаци на закрепнување и стабилизирање – резултат на политиките што ги спроведува Владата. Потврда за тоа стигнува од објавените податоци на Државниот завод за статистика за раст на БДП во последниот квартал од 2024 година, од 3,2 %. Затековме економија што беше во стагнација, со раст на БДП од 1,2 % во првиот квартал, 2,3% во вториот квартал. Тоа бараше итни и неодложни мерки на краток рок за да овозможиме економијата да почне да се „опоравува“ и за да се фокусираме на политики што ќе овозможат засилена економска активност со просечни стапки од 5% – вели министерката.
Од СДСМ не се согласуваат со податоците на министерката за финансии и сметаат дека „смешен е податокот за БДП од 3,2% во последниот квартал, кога инфлацијата е 5%, а кај храната од 10 до 15%.
– Ова значи дека нема никаков раст, туку, реално, граѓаните осиромашуваат. Секојдневно компаниите отпуштаат работници, што е најдобар индикатор за тоа во која насока се движи економијата во државата – велат од СДСМ и нагласуваат дека власта се фали со лажни и половични економски индикатори.
Во најава бран на нови странски директни инвестиции
Премиерот Христијан Мицкоски најавува нови странски директни инвестиции во наредните месеци.
– Во последните недели имаме голем бран на компании што се заинтересирани да инвестираат овде во Македонија и во слободните ТИРЗ зони, но и надвор од нив. Една инвестиција почнува со работа овој месец, другата во Штип стартува во април, во мај и во јуни ставаме камен темелник на две нови инвестиции. Така, секој месец една до две ќе има или пуштање во употреба, или камен темелници на нови инвестиции. Пресреќен сум што тие препознаа дека ова Влада води пробизнис политика и сака да поддржува отварање на нови работни места, добро платени места, впрочем и сега мора да се добро платени работните места бидејќи конкуренцијата на пазарот на труд е немилосредна, но добро е што имаат доверба – најави Мицкоски.
Тојинформираше дека во месец јуни ќе биде поставен темелник на инвестиција вредна 500 милиони американски долари, инвестиција на Алкараз, во делот на производството на електрична енергија.
– Тоа е инвестиција со што конечно ќе имаме поголемо производвство на електрична енергија од тоа што го трошиме. Значи ќе извезуваме и голем процент од таа електрична енергија ќе биде во обновливите извори со што ќе го зголемиме и тоа производно портфолио. При крај се законите што ќе се најдат во собраниска процедура, законот за енергетика, енергетска ефикасност – појасни премиерот Мицкоски.
(С.Бл.)