Владата на премиерот на Унгарија Виктор Орбан е обвинета дека на провладините медиуми незаконски им доделила повеќе од милијада евра субвенции, што дополнително ги зголемува стравувањата дека државната поддршка ќе се користи за јакнење на моќта на унгарскиот лидер.
Два унгарски медиуми – „Маѓар ханг“ и еден кој бараше да остане анонимен, планираат, како што кажале за „Фајненшл тајмс“, дека поради незаконски субвенции на одредени медиуми денеска ќе поднесат жалба до Европската комисија.
Во тие медиуми тврдат дека огласувањата помеѓу 2015 и 2023 година биле насочувани во проорбанските весници, ТВ-станици и онлајн платформи со цел да се обезбеди поддршка за владејачката партија и да се потисне критичкото новинарство.
Орбан, најпрорускиот лидер во ЕУ, со години е во конфликт со Унијата околу владеењето на правото. Брисел постојано замрзнуваше и враќаше средства, а судовите на ЕУ пресудија против потезите на Орбан насочени кон ограничување на независноста на судството, медиумите и образовниот систем, потсетува „Фајненшл тајмс“.
Се тврди дека унгарскиот премиер претходно користел средства од ЕУ за наградување на политичките сојузници и го нарекол партнерството меѓу владата и приватниот сектор систем на национална соработка.
Поранешниот европски службеник за конкуренција, Каи-Уве Кин, автор на економската студија што ја придружува жалбата, рече дека наводната употреба на државни субвенции се совпаѓа со кампањата за отстранување на медиумите што ја критикуваа владата.
„Навистина гледате дека откако некој ќе преземе весник и ќе го претвори во весник поврзан со владата, рекламирањето почнува драматично да расте“, рече Кин.
Тој рече дека неговиот извештај укажува на врска помеѓу наводната нелегална државна помош и провладиниот став на медиумите, што ја нарушува конкуренцијата на унгарскиот медиумски пазар во корист на поддржувачите на Орбан.
Во последниве години, неколку независни медиуми пропаднаа или беа продадени на субјекти поврзани со Владата. Во меѓувреме, Унгарија е меѓу најниско рангираните во однос на слободата на медиумите во ЕУ.
Извршниот директор на Унгарската асоцијација на медиуми, Лукач Чаба, рече дека независните медиуми имаат сè потешкотии во работењето и дека ситуацијата е дополнително влошена од државните субвенции. „Ние сме цел на клеветнички кампањи, нѐ тужат“, изјави Чаба за „Фајненшл тајмс“.
Во исто време, Комисијата ја тужи унгарската влада поради закон за безбедност кој, според Брисел, ги крши правилата на ЕУ за приватност, слобода на изразување и слобода на здружување.
Исто така, се наведува дека изборите во 2026 година ќе бидат важен тест за Орбан, чија партија „Фидес“ заостануваше зад опозицијата за прв пат на анкетите минатата година.
„Тиса“, новата опозициска партија предводена од поранешниот член на „Фидес“, Петер Маѓар, ја критикува стратегијата на Орбан за проширување на контролата врз медиумите, судството и економијата.