Унгарија позајми една милијарда евра од кинески банки претходно годинава, соопшти унгарската Агенција за управување со долгови, во момент кога членката на ЕУ се соочува со тешка финансиската ситуација. Договорот не е јавно објавен, но, како што пренесуваат медиумите, Унгарија зела тригодишен заем од кинески банки на 19 април.

– Со заемот од една милијарда евра со Кинеската развојна банка, Експорт-импорт банката на Кина и со унгарската филијала на Банката на Кина, ќе се финансираат инфраструктурни и енергетски проекти, меѓу другото – изјавија од Агенцијата за управување со долгови.

Заемот се случил само по осум дена откако соопшти унгарската Влада дека одлага значителен дел од јавните инвестиции поради слаб раст и блокирани ЕУ-фондови.

Инаку, Брисел замрзна 20 милијарди од ЕУ-фондовите поради назадувањето на Унгарија во однос на стандардите на ЕУ. Дефицитот на Унгарија сега изнесува 4,5 отсто од БДП, што е над лимитот на ЕУ од 3 отсто.

Македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, во текот на Самитот на НАТО во Вашингтон, на 11 јули, кажа дека унгарската Влада ќе ѝ позајми на македонската Влада сума од 500 милиони евра и подвлече дека станува збор за специјална економска соработка со Унгарија.