
Минатиот месец Унгарија го пријави првиот случај на шап и лигавка по повеќе од 50 години на сточарска фарма во северозападниот дел на земјата, во близина на границата со Австрија и Словачка, објави Светската организација за здравје на животните, повикувајќи се на унгарските власти, пишува Index.hr.
Илјадници говеда мораа да бидат убиени додека земјата се обидува да го спречи ширењето на болеста, а Австрија и Словачка затворија десетици гранични премини откако болеста се појави и во јужна Словачка.
„Во оваа фаза, можеме да кажеме дека не можеме да ја исклучиме можноста вирусот да не е од природно потекло – можеби имаме работа со вештачки создаден вирус“, рече на прес-конференција шефот на кабинетот на премиерот Виктор Орбан, Гергеј Гуљас.
Одговарајќи на новинарски прашања, Гуљаш рече дека не може да исклучи дека избувнувањето на вирусот е резултат на биолошки напад, без да прецизира кој би можел да биде одговорен. Тој додаде дека сомнежот се заснова на усни информации добиени од странска лабораторија, но дека овие наоди се уште не се целосно докажани или документирани.
Сточниот фонд на Унгарија според декемврискиот попис на добиток изнесува 861.000 грла, што е мала промена во однос на претходната година. Ова сочинува 1,2 отсто од вкупниот добиток на Европската унија, според официјалната статистика.
Шап и лигавка не е опасна за луѓето, но предизвикува треска и плускавци во устата на копитарите како говеда, свињи, овци и кози, а ширењето на болеста често доведува до ограничување на трговијата.
Гуљаш за новинарите изјави дека не е откриено ново ширење на инфекцијата, а властите постојано земаат примероци.