„Траги на времето“ е наслов на изложбата на дела од прилепчанката Верче Николоска, која е отворена во Ликовниот салон на ЦК „Марко Цепенков“.

Уметницата Верче Николоска, која повеќе од 25 години слика и работи во повеќе  техники – цртеж, графика, колажи, пред присутните се претстави со 22 дела работени во акрил на платно. Изложени  се и пет дела од малата внука Теона, која пројавува интерес за уметноста.

Според м-р Каролина Мицевска, Николоска живее за уметноста, создавајќи  творештво кое остава траги не само во времето, туку и во историјата на ликовната уметност во Прилеп.

Историчарот на уметност Елизабета Д. Иваноска, посочи дека Верче Николоска не е само вљубеник во уметноста, туку и нејзин творец.

– …Стилот на Николоска е изграден до мајсторство, зашто талентот кој го поседува со голема љубов го надградува стремејќи се до совршенство да го совлада сликарскиот занает… Траги на времето, еднаш преживеани, одново се пред нас визуелно да ги доживееме според сеќавање, па да се прошетаме по спомените со очите, да ги видиме, а во душата да ги почувствуваме. Чекорењето низ животот е пат полн со возбуди, со искачувања, со падови, но кога се вака обоени од една временска дистанца секогаш се убави, едни ќе ни измамат насмевка, други возбуда, трети можеби ќе намамат и некоја солза… Делата се сублимати на животни искуства, а од нив најдобро се учи“ – истакна на отворањето на изложбата Елизабета Д. Иваноска.

Верче Николоска, член на ДЛУП, досега реализирала шест самостојни изложби, била дел од групни и учествувала на повеќе ликовни колонии.

„Делата се апстракции на кои ги пренесувам моите чувства, визии, за уметноста, бидејќи живеам за уметноста. 25 години постојано се надградувам како уметник. Апстрактниот експресионизам најмногу ми лежи, иако работам и други мотиви. Освен колажите, цртежите и графиките сум создала и дела од глина“, вели и уметницата Верче Николоска.

ИЗДВОЕНИ