Ултрадесничарите се надеваат на историска победа во Австрија

175
EPA-EFE/FILIP SINGER

Екстремно десничарската Партија на слободата (ФПО) би можела да победи на парламентарните избори во Австрија за прв пат во недела, користејќи ја загриженоста на гласачите за миграцијата, инфлацијата, војната во Украина и другите грижи по неодамнешните успеси на десницата низ Европа.

Водачот на ФПО, Херберт Кикл, кој е груб, провокативен и има еден од најниските рејтинзи меѓу водечките австриски политичари, сака да стане нов канцелар на Австрија. Поранешниот министер за внатрешни работи, кој раководи со ФПО од 2021 година, го користи терминот volkskanzler (народен канцелар), кој нацистите го користеа за Адолф Хитлер во 1930-тите, иако тој ја отфрла споредбата.

За позицијата на чело на владата, пак, на Кикл ќе му треба коалициски партнер за мнозинство во Долниот дом на парламентот.

Последните истражувања на јавното мислење укажуваат на тесна изборна трка. ФПО, која е критички настроена кон исламот, има поддршка од 27 отсто од гласачите, конзервативната Австриска народна партија (ОВП) на канцеларот Карл Нехамер 25 отсто, а централно-левичарската Социјалдемократска партија 21 отсто.

Сепак, Кикл постигна пресврт од последните избори во Австрија во 2019 година. ФПО во јуни тесно победи на национално ниво за првпат на изборите за Европскиот парламент, каде што успех постигнаа и другите екстремно десничарски европски партии.

На изборите во 2019 година, поддршката на ФПО падна на 16,2 откако скандалот ја урна владата во која партијата беше помал коалициски партнер. Тогашниот вицеканцелар и лидер на ФПО, Хајнц-Кристијан Штрахе, поднесе оставка по објавувањето на видеото во кое тој наводно нуди услуги на руски инвеститор.

Екстремната десница го искористи незадоволството на гласачите поради високата инфлација, војната во Украина и пандемијата на Ковид-19, како и загриженоста за миграцијата. ФПО, која беше основана од поранешен нацист во 1950-тите, во својата изборна програма повикува на „ремиграција на непоканети странци“ и за постигнување „хомогеност“ на нацијата преку строга гранична контрола и суспендирање на правото на азил преку „закони за итни случаи “.

ФПО, исто така, се залага за укинување на санкциите кон Русија, ја критикува западната воена помош за Украина и сака да се повлече од европската иницијатива Небесниот штит, проект за изградба на европски систем за противвоздушна одбрана што го покрена Германија.

Кикл е поддржувач на теориите на заговор кои тврдат дека антипаразитарниот агенс „ивермектин“ е ефикасен против Ковид-19, како и поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Популарноста на ОВП на Нехамер, која моментално е во коалициска влада со Зелените, опадна од 2019 година. Нехамер во текот на кампањата ја опиша партијата, која претходната година зазедецврстстав кон имиграцијата како „силен центар“ кој ќе гарантира стабилност во време на повеќе кризи. Сепак, токму овие кризи, од пандемијата до руската инвазија на Украина до растот на цените на енергијата, ја чинеа поддршката на конзервативците, според австрискиот политиколог Петер Филцмајер.

Под нивно водство, инфлацијата во Австрија порасна на просечни 4,2 отсто во текот на претходните 12 месеци, над просекот на ЕУ.

Владата предизвика големо незадоволство кај граѓаните кога во 2022 година стана првата европска земја што воведе задолжителна вакцина против корона вирусот. Таа одлука беше укината неколку месеци подоцна без воопшто да стапи на сила.

Исто така, Нехамер е трет канцелар од претходните избори, бидејќи Себастијан Курц поднесе оставка во 2021 година поради истрага за корупција.

Филцмајер смета дека неодамнешните поплави што ја погодија Австрија и другите земји во Централна Европа го вратија еколошкиот проблем во изборната дебата и му помогнаа на Нехамер малку да го намали јазот меѓу неговата партија и ФПО, претставувајќи се себеси како „кризен менаџер“.

Нехамер постојано ја отфрла можноста да се приклучи на владата предводена од Кикл, сојузник на унгарскиот премиер Виктор Орбан, опишувајќи го како екстремистичка закана за безбедноста и демократијата. Но, тој не ја исклучи можноста за коалиција со ФПО, што би значело дека Кикл ќе мора да се откаже од позиција во владата.

Веројатноста Кикл да се согласи на таков договор доколку победи на изборите е многу мала, оцени Филцмајер.

Меѓутоа, доколку победи ОВП, според него, можна е коалиција меѓу двете партии. Најверојатната втора опција би била сојуз на ОВП, социјалдемократите и веројатно либералната партија Неос.