Улична кошарка во рамките на летниот фестивал

36

Ќе има улична кошарка во Кавадарци, во рамките на летниот фестивал, кој започна пред еден месец и ќе трае и во наредните два месеца, со бројни настани за сите генерации, информираа од Службата за односи со јавноста при Општината.

– Уличната кошарка ќе започне на 18 јули, на градскиот плоштад. Планирано е да учествуваат 10 машки екипи со 3+1 играч. Предвидени се парични награди за најдобрите – осум, шест и четири илјади денари за екипите што ќе ги освојат првите три места на турнирот. Право на учество имаат само екипите од Општина Кавадарци и учесниците не треба да бидат помлади од 16 години. Пријавувањето трае до 14  јули – соопштија од Општина Кавадарци. 

Во рамките на летниот фестивал, на агендата се културно-уметнички настани, едукативни работилници, претстави, спортски игри, ликовни колонии, проекции на филм и други случувања.

– Меѓу другото, предвидена е и презентација од пожарникари, со цел подигнување на противпожарната свест, за превентивно да се влијае против појавата на пожари – велат од локалната самоуправа. 

Во програмата се вклопени и хумористичен настан, случувања поврзани со традицијата, храната, виното и ракијата, бабини игри, детски и ритмички игри, цртање на лица, подготовка на коктели, боемски настан, фестивал на чалгиска музика, фолклорни средби, гурмански викенд.

Според финансискиот извештај, реализацијата на оваа програма чини 400 илјади денари.