Општина Битола изразува длабоко жалење за немилиот настан, кој се случил завчера во угостителски објект на плоштадот „Магнолија“, при што осумгодишно дете се здобило со повреда на челото, како резултат на напад од улично куче.
Благодарение на навремената интервенција, детето е соодветно згрижено во Одделението за максилофацијална хирургија при Клиничката болница во Битола, каде што му е пружена неопходната медицинска помош. Повредата е санирана, а детето е пуштено на домашно лекување со препишана терапија и лекарски препораки.
Од родителите, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, беше информиран дека детето се чувствува добро, но сè уште чувствува страв, после вчерашната случка, иако станува збор за дете кое ги сака кучињата и честопати знае да игра со нив. Коњановски посакувајќи му брзо закрепнување на детето, во разговорот со родителите нагласи дека, општината интензивно работи на решавање на проблемот со бездомните кучиња.
– Во координација со ЈП „Комуналец“, Општина Битола веќе ги презема сите потребни мерки за спречување на вакви случаи. Овој инцидент уште еднаш ја потенцира потребата од систематско и долгорочно решение на проблемот со бездомните кучиња. Прифатилиштето „Хачико“, кое започна со работа во октомври 2024 година, претставува важен чекор во воспоставувањето организиран пристап за справување со оваа проблематика. Работата на прифатилиштето мора да биде поддржана, а не дискредитирана, како што за жал беше случај изминатата недела, од одредени субјекти – велат од локалната самоуправа.
Општина Битола апелира до сите засегнати страни и институции за координирано делување и поддршка на ваквите решенија, кои овозможуваат безбедна и хумана средина за сите граѓани.