Украинските заробеници биле мачени со електошокери додека не се потрошеле батериите, а доктор доаѓал дури кога ќе развиеле гангрена, раскажуваат избегани руски стражари

115

Тројца поранешни руски затворски чувари за „Волстрит журнал“ ги опишале методите за злоупотреба на украинските затвореници, практики кои иследниците на ОН ги нарекоа широкораспространета и систематска тортура. Според весникот,  нивните сведоштва се поткрепени со официјални документи, интервјуа со украински затвореници и сведочење на човекот кој им помогнал да избегаат од Русија.

Во првите недели по почетокот на руската инвазија на Украина, началникот на затворската служба во Санкт Петербург и Ленинградската област, Игор Потапенко, дал инструкции на елитната единица на стражари да не покажуваат милост кон украинските воени затвореници. Според извештајот, Потапенко им рекол на членовите на единицата во регионалната затворска служба дека е создаден нов систем за заробените Украинци и дека за нив не важат вообичаените правила. Слични инструкции им биле дадени на единиците во другите делови на Русија. Како што пренесува „Волстрит журнал“ така почнала немилосрдната машинерија на брутално мачење на украинските воени затвореници. Чуварите ги треселе нивните гениталии со електрошокери додека не им се потрошат батериите, ги тепале за да им нанесат што е можно поголема болка и не им овозможувале лекарска помош додека не развијат гангрена, поради што биле потребни ампутации.

„Волстрит журнал“ побарал коментар за ова од руските претставници одговорни за човекови права, но не добил.

Според весникот тројцата поранешни затворски службеници сега се дел од програмата за заштита на сведоци откако сведочеле пред истражителите на Меѓународниот кривичен суд (МКС). Двајца биле припадници на специјалната единица, а третиот работел во медицинскиот тим. Сите изјавиле дека ја напуштиле службата пред да учествуваат во тортурата, но останале во контакт со поранешните колеги.

Русија има долга историја на суров третман кон затворениците, но во последниве децении таа презеде некои чекори за подобрување на условите, вклучително и одвојување на оние кои првпат го прекршиле законот од другите осуденици. Во некои региони, чуварите носат камери на себе под притисок на активистите за човекови права. Сепак, затворскиот систем останува „друг свет“, пишува „Волстрит журнал“. За разлика од редовните чувари, специјалните единици на затворската служба не се постојано стационирани во поединечни институции и се активираат во исклучително опасни ситуации. Кога работеле со украинските воени заробеници, нивната задача била да соработуваат со редовните стражари и да ги насочуваат. Според двајцата поранешни членови на елитната чуварска единица, кои зборувале за весникот, тие ги сфатиле упатствата на Потапенко од март 2022 година како дозвола за употреба на насилство, а злоупотребата на Украинците добила ново ниво бидејќи верувале дека имаат одобрение од раководството.

Рускиот затворски систем во исто време почнал да се подготвува за пристигнување на воени заробеници. Поранешните членови на елитната единица ја опишале и нивната злоупотреба. Многу чувари, наводно, уживале во бруталното однесување и често се фалеле со страдањата што ги нанесувале. Тоа го потврдил 25-годишниот поранешен затвореник Андриј Јегоров, кој беше приведен во областа Брјанск.

-Стражарите беа возбудени, ги слушнав како се смеат додека стенкавме од болка, се сеќава тој.

Јеготров помина околу 30 месеци во руски затвори пред да биде ослободен во размена на затвореници во октомври минатата година. Лекарскиот преглед откри дека има пет скршени пршлени и моментално е на лекување и на третман кај психолог, но тој е скептичен за можноста за окрепнување.

-Ако не сте го поминале она низ што сум поминал јас, не можете да ми помогнете, вели тој.

Поранешните припадници на специјалните сили и активисти за човекови права се согласуваат дека насилството врз затворениците им служи на целта на руските власти. Имено, според „Волстрит журнал“, целта е да се скрши волјата на затворениците за тие да бидат попослушни за време на испрашувањето. Понекогаш биле испрашувани за да се извлечат признанија за воени злосторства или да се добијат разузнавачки информации. Поранешните припадници на специјалните сили сега живеат на тајни локации и морале да ги прекинат сите контакти со сите што ги познаваат. Еден од нив изјави за „Волтрит журнал“ дека отсекогаш бил руски патриот и никогаш не сакал да живее никаде освен во Русија, но, по инвазијата на Украина, не можел да остане во земјата или да молчи. Тој смета дека сведочењето пред МКС е начин да ѝ се помогне на правдата.

ИЗДВОЕНИ