Овој план Американците им го предале на европските дипломати, а преку нив стигнал до Украина, наведува „Страна уа“. Иако сè уште нема потврда дека документот е автентичен, редакцијата тврди дека некои точки од планот се совпаѓаат со изјавите на Трамп и неговиот специјален пратеник за Украина, Кит Келог. Според планот за кој не се знае што мисли Путин, Украина треба да се откаже од членство во НАТО, а да стане членка на ЕУ до 2030 година
Русија и Украина би можеле да прогласат прекин на огнот на Велигден, на 20 април, на меѓународна мировна конференција на која би се формализирал договорот меѓу двете земји, со посредство на САД, Кина, ЕУ и други глобални актери. Овој план е одобрен од американскиот претседател Доналд Трамп, објави украинскиот портал „Страна.уа“.
Вака, наводно, изгледа планот што го изработил тимот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој најави крај на руско-украинската војна за сто дена. Порталот додава дека за тој нацрт „активно разговараа политичките и дипломатските кругови на Украина“.
Во текстот се наведува дека овој план Американците им го предале на европските дипломати, а преку нив стигнал до Украина, но не се открива како и на кој начин до него дошла редакцијата на „Страна уа“. Иако сè уште нема потврда дека документот е автентичен, редакцијата наведува дека некои точки од планот се совпаѓаат со изјавите на Трамп и неговиот специјален пратеник за Украина, Кит Келог, пишува „Јутарњи“.
Според она што е познато, американскиот мировен план вклучува телефонски разговор меѓу Трамп и Владимир Путин, уште овој месец или во февруари, по што ќе следува дискусија за понатамошни активности со Киев. Во следната фаза, Володимир Зеленски ќе треба да го откаже указот за забрана на преговори со Путин, а потоа во февруари или првата половина на март ќе има средба меѓу Трамп и Зеленски со Путин. Сè уште не е одлучено дали тие ќе бидат билатерални или трилатерални, но тогаш треба да се одобрат главните работи на мировниот план. Дел од планот, како што тврди „Страна.уа“, е и тоа сè додека траат преговорите и непријателствата, Доналд Трамп да не го блокира испраќањето воена помош за Украина.
Декларацијата на мировната конференција за прекин на војната мора да биде готова до 9 мај, а од Украина се бара да не ја продолжува вонредната состојба во земјата и мобилизацијата по тој датум. Како последна фаза е наведено одржување на претседателски избори во Украина на крајот на август и парламентарни избори на крајот на октомври. Договорот опфаќа обврска за Украина да се откаже од членството во НАТО, што треба да се потврди на самит на Алијансата, но за возврат да стане членка на ЕУ до 2030 година. Исто така, Украина треба да се откаже од воените и дипломатските обиди за враќање на окупираните територии, но нема да го признае рускиот суверенитет над нив, што е отстапка за Кремљ. Важна точка во договорот е одредбата според која ќе им биде дозволено учество на изборите на украинските политички партии кои „се залагаат за одбрана на рускиот јазик и за мирен соживот со Русија“. Исто така, ќе мора да се прекинат сите дејствија против Украинската православна црква и рускиот јазик.
По склучувањето на мировниот договор ќе бидат укинати санкциите кон Русија и тоа некои ограничувања веднаш, а други во текот на три години, во зависност од почитувањето на договорот од страна на Русија. Ќе бидат укинати и сите ограничувања за увоз на руски енергетски производи во Европската Унија, но нивниот увоз ќе подлежи на посебна царина, а приходите од тоа ќе се користат за обнова на Украина.
Треба да се напомене дека украинското раководство одби да го потврди постоењето на планот. Андриј Јермак, шеф на кабинетот на украинскиот претседател, рече дека „медиумите немаат никакви „мировни планови“ за 100 дена, и дека Русија би можела да стои зад оваа најава. Зеленски не го коментираше објавувањето на планот, но добро информираниот „Волстрит журнал“ на 22 јануари објави дека Трамп му наредил на својот специјален пратеник за Украина, Кит Келог, да ја заврши руско-украинската војна за 100 дена.
-Но, постигнувањето договор со Путин ќе биде многу потешко отколку што изгледаа предизборните ветувања на Трамп, беше скептичниот заклучок на американскиот весник.
„Јутарњи“ посочува дека е очигледно дека нешто се случува зад сцената според тоа што на инаугурацијата на Трамп присуствувал и Дејвид Арахами, лидерот на фракцијата „Слуга на народот“ во Врховната Рада, кој ја предводеше украинската делегација на преговорите во Истанбул во 2022 година.
Сепак, не треба да се занемари тоа дека не се знае што мисли Путин за овој план, бидејќи тврди дека сака мир, но според негови услови, кои вклучуваат значително намалување на украинската армија и легализација на окупацијата на една петтина од земјата.