Источниот фронт на Украина во Доњецк се распадна, призна украинскиот генерал-полковник Дмитро Марченко.
„Руските сили влегоа во градот Селидово, западно од градот Доњецк, и наскоро ќе го преземат целосно“, рече Марченко.
Денеска руското Министерство за одбрана соопшти дека градот паднал во рацете на руските сили. Украина се уште не ги коментира овие тврдења. Сепак, независни аналитичари за Киев Индипендент изјавија дека градот е изгубен.
Недостаток на оружје и муниција
„Можеби има некои Украинци во западните делови, но градот во основа е изгубен. Падна за околу неколку недели, така што тоа беше брз потег“, изјави воениот аналитичар Емил Кастехелми, пренесува Индекс.
„Сите знаеме дека не откривам никакви воени тајни кога велам дека нашиот фронт се распадна“, изјави генералот Марченко.
Марченко ја припиша ситуацијата на недостатокот на оружје, муниција и војници.
„Војниците се уморни. Тие не можат да ја покријат целата линија на бојното поле каде што се стационирани“, рече генералот, кој се прослави со успешната одбрана на Миколаев и Керсон во јужна Украина на почетокот на војната.
Набљудувачите и украинската војска предупредија на сè потешка ситуација во Селидово додека руските сили напредуваа кон градот во последните недели. Падот на Селидово е страшна вест за Покровск, кој се наоѓа на само 18 километри северозападно.
Руските сили се приближуваа кон Покровск во последните неколку месеци, а нивното напредување во регионот Доњецк дополнително се забрза во последните неколку недели. Градот Селидово беше дом на околу 21.000 луѓе пред почетокот на сеопфатната руска инвазија во февруари 2022 година.
Институтот за проучување на војната (ISW) уште минатата недела објави дека Русите постигнале значителен напредок околу Селидово.