Украинците ги објавија деталите од договорот со САД: Сите погледи вперени кон Русија

446

Украинскиот министер за одбрана, Рустем Умеров, кој учествуваше на средбата со американската делегација во Џеда, ги соопшти деталите од договорот со Американците.

Неговата објава ја пренесуваме во целост:

„САД и Украина презедоа важни чекори кон траен мир за време на денешниот состанок во Џеда, Саудиска Арабија, кој се одржа под покровителство на престолонаследникот Мохамед бин Салман. Двете страни ја пофалија храброста на украинскиот народ во одбраната на својата земја и се согласија дека сега е вистинско време да се започне процесот кон траен мир.

Украинската делегација изрази благодарност до претседателот Трамп, американскиот Конгрес и американскиот народ за нивната поддршка во постигнувањето напредок кон завршување на конфликтот.

Украина, исто така, ја потврди подготвеноста да го прифати предлогот на САД за итно, привремено примирје во траење од 30 дена, кое може да биде продолжено со заедничка согласност на сите страни, под услов Русија да се согласи и истовремено да го спроведе.

САД ќе и пренесат на Москва дека реципроцитетот е клучот за постигнување мир и веднаш ќе го прекинат замрзнувањето на размената на разузнавачки информации и ќе ја вратат безбедносната помош за Украина. Делегациите разговараа и за хуманитарните напори, вклучително и размена на воени заробеници, ослободување на цивилни затвореници и враќање на насилно киднапираните украински деца.

Беше договорено двете страни да назначат преговарачки тимови и веднаш да започнат преговори за долгорочен мир, кој ќе вклучува безбедносни гаранции за Украина. САД се обврзаа да им ги претстават овие предлози на претставниците на Русија, додека Украина нагласи дека европските партнери ќе бидат вклучени во мировниот процес.

На крајот, претседателите на САД и Украина се согласија да склучат договор за развој на клучните минерални ресурси на Украина што е можно поскоро со цел да се зајакне украинската економија, да се надоместат трошоците за американската помош и да се обезбеди долгорочна безбедност и просперитет на Украина“, изјави Умеров.

ИЗДВОЕНИ