Украина за договорот Трамп-Путин: Не може да се зборува за нас без нас

28

Украина и Европа не смеат да бидат исклучени од идните мировни преговори за ставање крај на војната во Украина, изјави украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха во интервју за „Ле Монд“ објавено денеска.

Европските лидери сакаат место на масата во мировните преговори за Украина, откако американскиот претседател Доналд Трамп директно разговараше со рускиот претседател Владимир Путин и им нареди на највисоките американски претставници да започнат разговори за ставање крај на војната во Украина.

„Не можете да зборувате за Украина без Украина, ниту за Европа без Европа“, рече Сибиха.

Доаде дека украинското членство во НАТО е најевтиниот начин трансатлантската алијанса да ја гарантира украинската безбедност и дека не треба да има компромиси кои би му наштетиле на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.

„Ние сакаме сеопфатен договор. Тоа е во интерес на САД. Со лидерството на Трамп, со силна европска посветеност и европско единство, имаме можност да му дадеме нов момент на овој процес. Но, колку што знам, нашите американски сојузници се уште не ги финализирале своите планови“, додаде тој.

„Сите наши сојузници рекоа дека патот на Украина кон НАТО е неповратен. Таа можност е во нашиот устав. Тоа е во наш стратешки интерес“, рече Сибиха.

Трамп ја шокираше Европа

Путин и Трамп разговараа телефонски повеќе од еден час во средата. Трамп тогаш најави почеток на преговорите и рече дека не е практично Украина да добие членство во НАТО.

Одлуката на Трамп ги шокираше европските престолнини, кои инсистираат да играат централна улога во мировните преговори бидејќи веруваат дека секој договор ќе има последици по нивната безбедност.

Трамп рече дека Путин сака војната да заврши и дека разговарале за постигнување на прекин на огнот во не толку далечна иднина.

„Тој сака да заврши. Не сака прекин, а потоа борбите да продолжат шест месеци подоцна“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба.

„Мислам дека сме на пат кон постигнување мир. Мислам дека претседателот Путин сака мир, претседателот Зеленски сака мир и јас сакам мир. Само сакам да видам како луѓето престануваат да се убиваат“, додаде тој.

Кремљ објави дека Путин и Трамп се договориле да се сретнат и дека Путин го поканил Трамп да ја посети Москва. Трамп рече дека нивниот прв состанок „веројатно“ ќе се одржи наскоро во Саудиска Арабија.

Во објава на својата платформа за социјалните медиуми, Трамп истакна дека државниот секретар Марко Рубио, директорот на ЦИА Џон Ретклиф, советникот за национална безбедност Мајкл Валц и пратеникот за Блискиот Исток Стив Виткоф ќе ги водат преговорите за ставање крај на војната.

Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет во средата во Брисел рече дека Киев не може реално да се надева дека ќе се врати на своите граници од пред 2014 година или ќе се приклучи на НАТО.

„Ние, како и вие, сакаме суверена и просперитетна Украина. Но, прво мора да признаеме дека враќањето на Украина на нејзините граници пред 2014 година не е реална цел“, рече Хегсет на состанокот во седиштето на НАТО, на кој беа собрани повеќе од 40 земји кои и помагаат на Украина.

ИЗДВОЕНИ