На претстојните мировни преговори во Лондон со претставници на САД, Велика Британија и Франција, Украина ќе ја претставува шефот на кабинетот на претседателот Андриј Јермак, пишува „Суспилне“, повикувајќи се на извор од претседателството.
Во украинската делегација ќе бидат и министерот за одбрана Рустем Умеров, министерот за надворешни работи Андриј Сибиха и заменик-началникот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Павел Палиса.
Претходната рунда мировни преговори за Украина се одржа во Париз, а на неа присуствуваа претставници на САД, Франција, Велика Британија, Германија и Украина.
Зеленски денеска потврди дека украинска делегација во среда ќе отпатува за Лондон, каде со претставници на САД, Велика Британија и Франција ќе разговара за условите за безусловен прекин на огнот и воспоставување вистински и траен мир.
Како што објави „Блумберг“, американската страна во Лондон би можеле да ја претставуваат американскиот државен секретар Марко Рубио и американските специјални претставници Стив Виткоф и Кит Келог. Американската агенција наведува дека САД сакаат да ги намалат санкциите кон Русија и да ја признаат руската контрола врз привремено окупираните територии на Украина со цел да се стави крај на војната.
Америка ја разгледува и можноста Крим да го признае како руски, пишува „Блумберг“, пренесува Танјуг.