Настрана од ЕУ и НАТО формирана е таканаречена коалиција на волните, која би ѝ пружила различни форми помош на Украина. Приклучување кон коалицијата најавиле околу 20 земји, претежно од Европа и Комонвелтот. Италијанската премиерка Џорџа Мелони изненади со својот предлог НАТО да може да ја штити Украина без таа да стане нејзина членка
Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, изјави дека разговара со Украина за рамка за мировен договор за прекин на непријателствата со Русија и дека следната недела е планирана средба со Украинците во Саудиска Арабија.
-Сега сме во разговори за координирање на состанокот со Украинците, изјави Виткоф за новинарите во Белата куќа, посочувајќи дека состанокот најверојатно ќе биде во Ријад или во Џеда.
По жестоката расправија со украинскиот претседател Володимир Зеленски, во Белата куќа на 28 февруари, Трамп рече дека добил писмо од украинскиот лидер во кое вели дека е „подготвен да дојде на преговарачка маса што е можно поскоро“. Таа расправија уште еднаш ја алармираше Европа, која се обидува да ги земе работите во свои раце. Европската комисија планира да мобилизира до 800 милијарди евра преку иницијатива наречена РЕАРМ Еуропе, рече претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен. Говорејќи по состанокот на европските лидери во Брисел, на кој присуствуваше и украинскиот претседател Володимир Зеленски, Лајен истакна дека ЕУ и Велика Британија покажале нова решителност.
-Пред нас е јасна и непосредна закана, а Европа е решена да дејствува со обемот, брзината и решителноста што ги бара оваа ситуација. Решени сме да инвестираме повеќе, да инвестираме подобро и да инвестираме побрзо – заедно, рече таа и нагласи дека од Париз и Лондон до Брисел, европските земји ја покажале својата волја и способност да ги засилат заедничките напори и ефикасно да ги координираат одбранбените способности.
Но, италијанската премиерка Џорџа Мелони на овој вонреден состанок уште еднаш го повтори противењето на нејзината влада за распоредување европски трупи во Украина на вонредниот самит што се одржа во четвртокот во Брисел. Вчера, таа изненади со својот предлог НАТО да може да ја штити Украина без таа да стане нејзина членка. Мелони предложи да се прошири НАТО заштитата од членот 5 на Украина, без прием на Киев за членство. Со тоа, според неа, Украина би го добила истиот безбедносен чадор што го имаат земјите од НАТО и тоа би обезбедило стабилни, долгорочни и реални безбедносни гаранции.
-Многу сум збунета околу европските трупи, мислам дека тие не се ефикасни, рече Мелони, додавајќи дека ќе ја исклучи можноста за испраќање италијански војници во Украина и рече дека е „подобро да се размислува за долгорочни решенија“.
Британските медиуми вчера известија дека настрана од ЕУ и НАТО формирана е таканаречена коалиција на волните, која би ѝ пружила помош на Украина, а интерес за приклучување покажале околу 20 земји, претежно од Европа и Комонвелтот. Британските власти потврдија дека во четвртокот била одржана средба на која се разговарало за можните безбедносни гаранции за Украина по евентуалниот мировен договор. Појаснето е дека не е неопходно сите земји кои учествуваат во разговорите во рамките на оваа иницијатива да бидат подготвени да испратат свои војници во Украина. Надлежните нагласуваат дека ова е рана фаза на преговори, но овој чекор го сметаат за исклучително позитивен.
Иницијативата за формирање „коалиција на волните“ доаѓа од Обединетото Кралство, поточно од кабинетот на британскиот премиер Кир Стармер. Тоа е името за неформална група држави кои се подготвени самостојно, надвор од постојните меѓународни рамки, како што се НАТО или ЕУ, да обезбедат различни форми на поддршка за Украина, вклучувајќи безбедносни гаранции, воена помош или финансиска поддршка, особено во контекст на можен мировен договор. Тоа се земји кои сакаат активно да учествуваат во долгорочната заштита на украинската безбедност без оглед на поширокиот меѓународен консензус.
Киeв индепендент: По кавгата со Трамп рејтингот на Зеленски скокна за 68%
Рејтингот на украинскиот претседател Володимир Зеленски се зголеми на 68 отсто по неговата жестока расправија со американскиот претседател Доналд Трамп, според анкетата на Меѓународниот институт за социологија во Киев, објавена на 7 март, пренесува Киeв индипендент.
Пред дипломатскиот спор, истражувањето во февруари покажа дека 57 отсто од Украинците му веруваат на Зеленски, додека 37 отсто не, што резултираше со баланс меѓу доверба и недоверба од +20 отсто.
Помеѓу 14 февруари и 4 март, довербата во Зеленски се зголеми на 68%, при што уделот на оние кои не му веруваат падна на 29%, подобрувајќи го неговиот нето рејтинг на одобрување на +38%.