Украинските медиуми објавија сателитска снимка на која се гледаат последиците од ноќните напади врз магацинот за муниција и воениот аеродром во областа Тихорецк во рускиот крај Краснодар!

– Сателитските снимки „Сентинел-2“ од 21 септември ги покажуваат последиците од ноќниот напад врз руското складиште за муниција. Огнот се уште гори. Тој воен објект се наоѓа северно од селото Камени во областа Тихорецк во руската Краснодарска област – јавува Радио Слобода.

Сателитските снимки покажуваат и пожар кој гори во близина на воен аеродром лоциран недалеку од складиштето за муниција.

Радио Слобода наведува дека магацинот на мапите е означен како воена единица 57229-41, додека некои руски извори прецизираат дека магацинот припаѓа на логистичкиот центар на Јужниот воен округ на Руската Федерација.

Во студијата на Центарот за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС) од Вашингтон се наведува дека станува збор за складиште за артилериска муниција. CSIS во февруари објави дека базата забележала зголемена активност и значително проширување во текот на изминатата година. Белата куќа во октомври минатата година соопшти дека базата е примарно складиште за муниција испорачана од Северна Кореја.

Некои руски медиуми и Телеграмски канали, објавија за пожар и детонации во ноќта меѓу петокот и саботата во близина на воена единица во областа Тихорецк.

Надлежните најавија евакуација на локалното население од околните села. Украинскиот Генералштаб го потврди нападот врз арсеналот во Тихорецк во саботата, наведувајќи дека се уништени повеќе од 2.000 тони муниција, вклучително и залихи од Северна Кореја.

– Магацинот е една од трите најголеми бази за складирање муниција и клучен објект во логистичкиот систем на руската армија – велат од украинскиот Генералштаб.