Досегашниот неофицијален лидер на Сирија, поранешниот џихадист Ахмед ал Шара во средата е прогласен за шеф на државата во преодната фаза на власта, со овластување да формира нов законодавен совет, се наведува во соопштението на оружените групи кои минатиот месец по соборувањето на претседателот Башар ал Асад, ја преземаа власта во Сирија.
Уставот на Сирија е укинат, а актуелниот парламент е распуштен, објави портпаролот на командата на воените операции, која ја надгледуваше брзата офанзива со која на 8 декември беше соборен Асад.
Откако ја командуваше таа офанзива по повеќе од 13 години граѓанска војна, Шара стана де факто лидер на земјата.
Најавите дека тој ќе биде прогласен за шеф на државата, пренесени од државните медиуми, се појавија за време на состанокот во Дамаск на вооружените фракции кои се борат заедно со групата Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), предводена од Шара.
На состанокот присуствуваа и министрите од привремената влада на ХТС назначени во декември.
Ал Шара, чија милитантна група Хајат тахрир ал шам претходно беше гранка на Ал каеда, се обврза да почне политичка транзиција, вклучувајќи формирање влада, а потоа и спроведување избори за чие распишување може да се чека со години.
Новиот законодавен совет ќе ја има власта сè додека не се усвои нов устав, јавија државните медиуми.