УХМР: Октомври беше еден од најсушните во последните 30 години

31

Според мерењата и набљудувањата на метеоролошките станици во Република Северна Македонија, октомври се карактеризира како нормално топол и нормално до многу сушен во однос на врнежите, во споредба со многугодишните просечни вредности (1991/20), информира УХМР.

Средномесечната температура се движеше од 8,9 степени во Лазарополе до 16,4 во Гевгелија. Споредено со просечните октомвриски средномесечни температури, за триесетгодишен период (1991-2010), овогодинешната октомвриска температура беше 0,7 повисока на ниво на држава.

Највисоката максимална температура беше измерена на 11 октомври во Штип и изнесуваше 29,9 степени, а најниската во Берово, на 2 октомври и изнесуваше -3,7.

Во октомври месечната сума на врнежи во државата варираше од 2,8 во Гевгелија до 66,1 мм во Маврово. Интензивни врнежи на целата територија на државата беа измерени на 5-ти во месецот, а потоа периодот беше посув.

Врнежите беа од дожд. Максимално дневно количество на врнежи од 58,4мм, на разгледуваните станици, беше регистрирано во Маврово, додека во мрежата на автоматски станици во државата, максимални дневни врнежи беа измерени во Жировница 83мм, на 5-ти во месецот.

Споредено со октомвриската просечна вредност за многугодишен период (1991-2020), измерената месечна сума на врнежи беше помала за 61 отсто од просечната на ниво на државата.