Кафулињата низ Скопје, кои се распослани со своите тераси на јавна површина, сè уште плаќаат комунална такса од пет денари за квадратен метар, откако во 2020 година беше намалена од 15 на 5 денари, во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов, како една од мерките за помош на угостителството поради коронавирусот и забраните за работа.
Мерки за заштита од ковид-19 нема веќе четири години, а одлуката не е сменета и кафеанџиите цело време си плаќаат намалена комунална такса.
Град Скопје денеска се обиде да ја коригира цената на комуналната такса, односно враќање на старата цена од 15 денари, но тоа не се случи, затоа што мнозинството советници не го прифатија предлогот.
-Веќе одамна немаме коронавирус и затоа треба да се врати старата цена. Исто така оваа одлука треба да се донесе за да имаме исти цени со општините кои на општинските улици кои се нивна надлежност наплаќаат од 8 до 15 денари комунална такса – образложија од Секторот за даноци и такси во Град Скопје.
За поскапување на комуналната такса гласаа само шест советници.