Скопјани некогаш имале повеќе плажи на реката Вардар кои претставувале атракција и место за разладување во летниот период. Но, како што раскажува Гордана Јанакиевска, туризмолог во пензија, местата на реката Вардар каде што некогаш скопјани можеле да се капат биле одредени со наредба од управата на градот.

– Во летниот период, просторот од плажата кај аеродромот, па сè до Ханриевиот железен мост бил преполн со капачи. Во центарот капењето било дозволено од мелницата на Јусуф Морина до електричната централа и водоводот на десната страна, а до Железничкиот мост капењето било забрането – објаснува таа.

Притоа, на одредени места можеле да се капат деца на возраст од 15 години облечени во костими, додека за деца под 15 години капењето било забрането.

Градската плажа кај „Идадија“ била монденска, а на Руска плажа се капеле газдите и побогатиот свет. На оваа плажа се надоврзувала Војничката плажа, па Турската плажа, Циганската плажа и на крај Мангупската детска плажа.

Во 1932 година во Скопје било основано и првото нудистичко друштво. Во него членувале жени од угледни и богати фамилии. Членовите на ова друштво оделе со пајтони во Катлановска Бања, се капеле и се сончале на реката Пчиња, а не ретко и на реките Вардар и Треска на места што не биле посетувани. Од плажата каде што се влева Треска во Вардар кај Сарај, па до плажата кај кривината и Матка.

– Особено беа популарни базените во Сарај и во Аеродром. Кон крајот на 60-тите години беше отворен базенот на спортскиот центар „Кале“, каде што речиси целиот град бараше разладување. По земјотресот, плажите на Вардар замреа, но затоа се отворија нови на реката Треска – раскажува Jанакиевска.

Хроничарот Данило Коцевски во своите записи за Скопје ќе го опише ритуалот кога се одење на плажа, во 50-тите и 60-тите години од минатиот век.

– Вистински летен настан што не се заборава. Многу анегдотски ситуации се прераскажуваат и денес. На плажа се седеше долго, затоа мораше да се носи јадење. Можеше и тава со ориз, штотуку извадена од маалската фурна. Можеше со другарите да здиплите и некоја туѓа тава, додека фурнаџијата со лопатата ви е свртен со грб – напишал Коцевски.

Тој додава дека задолжителна била лубеницата, која предизвикувачки се мрешкала и се лади во плитката вода крај брегот на Вардар.

– Ако одите на плажа во Сарај, долг е патот. А по патот, многу бавчи. Скинатиот зеленчук може да заврши и во гаќичките за капење, за да не ве забележат чуварите. А за да се скројат гаќичките онака како што треба, може да се употреби некое старо платно или фрлено старо знаме. Гаќичките се врзуваа отстрана, за поедноставно да се облекуваат и соблекуваат – наведува Коцевски.

Во 1955 година е изграден Олимпискиот базен во Сарај, а потоа во 1978 и езерото Треска. Тоа е изградено со самопридонес од жителите на Скопје.

– Со површина од 136.000 метри квадратни и капацитет за 10.000 капачи, во 1980-тите и 1990-тите функционираше како главно излетничко место за скопјани, особено во летните месеци. Околу езерото, кое е длабоко од 1,6 до 3 метри, се наоѓаа бунгалови, кафулиња, ресторани, базени, гардероби, тоалети, спортски терени, како и камп за приколки и трејлери. Езерце Треска живееше само 20 години – потенцира Јанакиевска.

Во 1998 година, поради загаденост на водата е затворено за капење и оттогаш почнува неговото пропаѓање. Денеска, комплексот околу езерото е целосно уништен.

– Имало и тенденција езерото Треска и реонот Сарај – Матка да се поврзат со Водно и да претставуваат целина. Ова би се постигнало преку изградба на помали објекти, но, за жал, планираните активности останале нереализирани – нагласи Јанакиевска.

(А.П.)