Угина Феликс, кучето што крвнички беше претепано кај Момин Поток

40

И покрај напорите да закрепне, од ЈП „Лајка“ известија дека угинало кучето  кое во ноември беше крвнички претепано со стап од вработен во фирма кај Момин Поток.

– Со бесконечна тага и огромно разочарување ви соопштуваме дека по долга, неуморна, тешка и посветена борба за спасување на животот на Феликс, тој сепак нè напушти и си го најде конечно својот вечен мир – информираат од ЈП „Лајка“.

Оттаму додаваат дека иако дошло со тешки повреди, тој се борел со сите можни сили, јуначки до самиот свој крај, давајќи верба дека можеби ќе се успее во оваа незвозможна мисија.

– Од самото влегување на Феликс во нашето прифатилиште, неговото заздравување беше неизвесно и променливо. Покажуваше многубројни подобрувања и влошувања на здравствената состојба, но Феликс доби напад кој за него беше фатален како резултат од многу здравствени компликации. Во последните месеци од неговиот живот Феликс, за првпат беше опкружен со љубов, грижа, топлина, најубава храна и радост. Првпат имаше шанса да почувствува како е да се биде сакано куче. За жал и последен – потенцираа од претпријатието, наведувајќи дека Феликс ќе остане симбол на борбеноста која ги обедини граѓаните, поттикнувајќи емпатија, а нејзината моќ ќе нè води сите нас кон креирање што поголема благосостојба на бездомните животни.

Ова предизвика лавини реакции од граѓаните на социјалните мрежи. Некои од нив повикуваат да се поднесат тужби и сите можни правни лекови за вработениот кој го претепа кучето.

– Јас сум за приватна тужба, отворете сметка за донации, сакам да го видам истиот психопат како се влече по судови, за нанесена и наша материјална и душевна болка. Не чекам од институции затоа што се  исти пијавици и цицачи – коментира Виктор Гашиќ.

Тој повика со петиција да се поведе постапка за како што вели, некаков суд да ги стави под око нашите судови и институции, вклучувајќи ги и министерствата кои се надлежни.

Според Ивана Темелковска единствено решение е здруженијата да организираат протест со јасни барања за затворска казна.

– Му го должиме тоа на Феликс и на секое друго животно што не преживеало поради човечка злоба – вели Темелковска.

Натали Талевска додава дека Феликс не смее да остане само симбол, мора да стане поттик за промени во законите за благосостојба на животните, како и на нивно морално и регуларно спроведување.

(А.П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ