Премиерот Христијан Мицкоски му предвиди на Судскиот совет дека ќе му се „случи народ“, а тој ќе застане зад народот. Можните протести, по молкот од членовите на СС на прозивките од власта да си поднесат оставки, ќе бидат масовни бидејќи народот е желен за правда, порача Мицкоски. Уставниот суд предупреди од непочитување на уставните гаранции за независност на судската власт, а слична порака дојде и од специјалниот известувач на ЕП, Томас Вајц.
Премиерот на „три фронта“ со правосудните институции. „Робусна акција“ во обвинителството, „удар во чело“ за членовите на Судскиот совет, а последниот го отвори деновиве, по изборот на в.д. претседателот Џемали Саити во Врховниот суд за кој смета дека излегол од кожната фотелја, сместена во „салонот“ на Мала Речица.
Судскиот „егзорцизам“ кој го прави Христијан Мицкоски за да расчисти со партиските имиња од претходната владејачка гарнитура, внимателно го следат од американската амбасада, а за ЕУ, преку известувачот на земјава во ЕП, Томас Вајц, е загрижувачки знак за политичко мешање во судството. „Тоа е негова перцепција“, кусо ја искоментира изјавата на Вајц, премиерот како одговор на новинарско прашање: Како ќе влијаат последните негови најави за можни протести пред Судскиот совет.
– Кога оние кои ви ја дале довербата ви гласаат недоверба, чесно е да не правите трикови и да си заминете, изјави премиерот Христијан Мицкоски и предупреди на масовни протести пред Судскиот совет.
– Гледаме дека тераат инает, мислат дека со инает нешто ќе успеат да направат. Но, јас сум постојано со народот и го слушам народот како реагира. Јас само сакам да кажам дека доколку не постапат соодветно на одлуката на оние кои ги избираат, се плашам дека може да им се случи народ. Може да се случи народот да се самоорганизира да протестира, бидејќи тој народ е желен за правда. Излеговме на избори, освоивме половина милион гласови и тоа е тоа. Нашата цел беше да донесеме правда за сите и во име на тоа, имам чувство, доколку дојде до протести, тој протест може да биде многуброен и поддржан лично од мене – изјави Мицкоски.
Најавата за протести следува по молкот од страна на петтемина членови на СС на прозивките од ВМРО-ДПМНЕ да си поднесат оставка, а по интерпелацијата во Собранието. Овој уставен инструмент, кој се користи за контрола на членовите на Владата и државните функционери, стана партиска алатка за пресметување со претставници од судската власт. ДУИ најави интерпелација на целиот состав на Уставниот суд, а од таму им порачаа: Ние сме контролори на сите три власти и ако се дозволи такво нешто ќе дојде до распад на уставниот поредок, укажа претседателот на највисокиот суд, Дарко Костадиновски. За интерпелацијата, пак, за членовите на СС, Костадиновски нагласи дека уставните гаранции за независноста на судскиот совет се многу важни гаранции.
– -Што е уставно не кажувам јас, кажува Уставниот суд. Мојот став е дека е неспорно правото на законодавецот да нормира, или кога ќе увиди некои слабости во поредокот да интервенира со законски измени и надополнувања. Но, должност на законодавецот е да го почитува Уставот и кога веќе кажав дека овие три власти подлежат на начелото поделба на власта согласно принципот на контрола и рамнотежа, нашиот устав не кажува сè, ниту еден устав на светот не дава одговор на сè. Интерпелацијата е уставна категорија, но, нашиот Устав дава гаранции на независноста на судската власт. Мое лично мислење е дека тој принцип на контрола и рамнотежа на законодавната и извршната власт во судската власт, кој ужива гаранции за својата независност, се исцрпува со изборот на овие пет членови на судскиот совет, тоа не се судии, несудиски членови, тоа е мој личен став, тоа е доволна контрола во тој систем на check and balances, изјави Костадиновски.
Власта првично планираше да ги разреши членовите на советот преку Комисијата за избори и именување, но по мислењето од Уставниот суд, премиерот им најави интерпелација во Собранието. Во меѓувреме, во тек е постапката за носење на нов закон за Судскиот совет кој треба да биде изгласан кон крајот на годинава, а во него ќе биде дефиниран начинот на избор на членовите. Сепак, владејачкото мнозинство реши да не го сочека новиот закон и да побара начин да ги разреши членовите на советот избрани од минатите власти Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и Селим Адеми поради ниската доверба на граѓаните во правосудството и скандалите во Советот.
– Нема да дозволиме правниот систем да биде блокиран поради политички калкулации. Разрешените членови мора веднаш да се повлечат и да ја почитуваат одлуката на највисокото законодавно тело во државата, ги повикаа и од ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ, пак, ја обвини власта дека прави упад во правната држава наместо да спроведе судски реформи.
Она на што предупредува експертската јавност е „кадрите“ на претходната власт во правосудството да се заменат со луѓе од актуелната. Ако Тања Чачарова дојде во СС од местото правна советничка на Зоран Заев, а Весна Дамева од правната комисија на СДСМ, за последно избраната Данка Ристова јавноста забележа дека е сопруга на градоначалникот на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. (П.А.)