Училиштето треба да создава клима во која ќе може младите слободно да им се доверат на наставниците

152

СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија аплицираше и успешно беше избрано заедно со уште 11 средни училишта од државата да учествува во проектот  „Промоција на безбедна училишна средина“.

Проектот го спроведува Коалицијата на младински организации СЕГА, во партнерство со Македонскиот центар за граѓанско образование, Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и СМАРТ АП – лабораторија за социјални иновации, со поддршка од Детската фондација „Песталоци“. Проектот се спроведува во соработка со Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и со Државниот просветен инспекторат.

Тимот што го спроведува овој проект е составен од Маја Проданова, координатор на проектот, и од членовите Светлана Митровска, Тони Аврамов, Даниела Џишева, Софија Тошева-Раманчева, Розета Картова и Стефчо Стефанов.

На 18 и на 19 февруари 2025 година, стручната служба од ова училиште одржа две работилници на тема „Препознавање и справување со разни видови насилство“, насочени кон средношколската заедница. Овие работилници беа дел од активностите на иницијативата „Глас против насилството “, во рамките на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“.

– Улогата на училиштето во превенција, препознавање и откривање на насилството врз младите е најзначајна, затоа што тие поминуваат најдолго време во училиште и може да се воочат и најмали промени кај нив. Таа можност ја нема ниту еден друг сектор. Заради тоа училиштето треба да создава клима во која младите ќе можат слободно да се доверат на наставниците, ќе се подучуваат како да кажат „не“ на лица кои се насилни кон нив на кој било начин или од нив бараат невообичаени работи, како да се заштитат во различни ситуации и како ненасилно да се однесуваат и да ги разрешуваат конфликтите – вели координаторката Маја Проданова.

Инаку, целта на проектот, кој ќе се реализира во текот на две учебни години, е да даде придонес кон остварување на правото на децата за квалитетно образование во безбедна и партиципативна училишна средина. Поточно кажано, потенцира Проданова, со проектот сакаат да ги постигнат овие неколку клучни промени во училиштето.

Прво, промовирање култура на ненасилство и емпатија, преку поттикнување разбирање, толеранција и почит меѓу учениците, намалување на случаите на меѓуврсничко насилство, како физичко така и психичко.

Второ, зголемена свесност и способност за препознавање на насилството, со што учениците, наставниците и родителите ќе научат како да го идентификуваат и да ги разберат неговите последици, како и да се развие способност кај учениците да реагираат и да бараат помош кога се соочуваат или сведочат на насилство.

Трето, јакнење на самодовербата кај учениците, преку градење самодоверба, за да може да им се спротивстават на насилниците, да побараат поддршка и создавање позитивна училишна клима, во која секој ученик ќе се чувствува прифатено и безбедно.

Четврто, развивање социјални вештини преку едукација за ненасилната комуникација, решавање на конфликтите, справување со емоциите и поттикнување тимска работа, соработка и разбирање.

Петто, подобрување на соработката меѓу учениците, наставниците и родителите со поставување јасни правила и процедури за справување со насилството, во насока на заедничко дејствување на сите засегнати страни и поттикнување дијалог и соработка за создавање безбедна, инклузивна и поддржувачка средина.

Шесто, намалување на инцидентите поврзани со насилството, со подобрување на механизмите за превенција и интервенција, што ќе резултира со помалку случаи на насилство во училишната средина.

Седмо, изградба на доверба кон училиштето, што ќе создаде чувство на сигурност кај учениците, кои ќе знаат дека училиштето активно работи за нивните благосостојба и заштита.

Според неа, проектот има цел училиштето да стане место каде што секој ученик ќе има можност да учи, расте и да се развива без страв од насилство.

–  Во наредниот период, ќе се организираат и други разни активности на тема „Глас против насилството“, изложби, цртање мурали и графити, театарска претстава, како и изработка на краток филм. Веруваме дека секој ученик има право да учи и да расте во средина без малтретирање, злоупотреба и дискриминација. Со поттикнување на чувството за заедница, емпатија и разбирање, имаме цел да создадеме позитивен ефект што ја надминува дигиталната област и навлегува во училишните клупи – истакнува Проданова.

ИЗДВОЕНИ