Во насока на унапредување на безбедноста во основните училишта, Општина Ѓорче Петров одржа координативен состанок со директорите на сите основни училишта од Општината, како и со претставници од Министерството за внатрешни работи. На состанокот бил разгледан, но и била договорена примена на протоколот за безбедна евакуација од училиштата и справување со паниката во итни ситуации.
– Целта на протоколот е да се обезбеди систематска и ефикасна заштита на учениците и на наставниот кадар при евентуални закани како пожар, земјотрес, чад или други вонредни ситуации. Преку јасни процедури и обуки, Општината се стреми кон создавање сигурна и смирена средина за децата во текот на наставниот процес – соопштија од локалната самоуправа.
Оттаму додадоа дека протоколот предвидува два пати во годината обуки за учениците и за наставниците, едукација за препознавање панични реакции и техники за нивно совладување, практични вежби за смирена и контролирана евакуација, јасни и видливи евакуациски маршрути и мапи во секое училиште, инсталација на посебен алармен систем (различен од редовното ѕвоно) и активирање на протоколот при реална опасност или по налог од надлежни институции и лица.
– Алармот, преку сирена или разглас, претставува сигнал за итно започнување на евакуацијата. Учениците, под водство на наставниците, се движат по однапред утврдени маршрути кон безбедна зона. Оваа мерка е дел од пошироката стратегија на Општина Ѓорче Петров за заштита на населението од природни и други непогоди, со акцент на заштитата на децата – потенцираа од локалната самоуправа.