Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека е прифатено тоа со оглед на случувањата во последниот период, кои резултираа со повреди на учениците, односно со имитирање апликации како „Тик-ток“ и други, за да се подигне безбедноста во училиштата на повисоко ниво
Основните училишта на територијата на Општина Центар го забранија користењето мобилни телефони од почетокот до крајот на наставата, а доколку ученикот има втор апарат, да му биде одземен и вратен на родителот. Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, вели дека е прифатено тоа со оглед на случувањата во последниот период, кои резултираа со повреди на учениците, односно со имитирање апликации како „Тик-ток“ и други, за да се подигне безбедноста во училиштата.
Герасимовски информира дека Општина Центар донела низа препораки, кои основните општински училишта ги прифатиле заради безбедност на учениците и за да се подобри образовниот процес во центарските училишта. Овие насоки се донесени врз основа на препораките на Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО), кои во јули 2023 година укажаа на негативните ефекти од употребата на паметните телефони врз процесот на учење.
Препораките за забрана на користење на мобилните телефони се прифатени и во образовниот процес во дел од европските земји. Истражувањата на кои се повикува УНЕСКО покажуваат дека мобилните телефони им го одвлекуваат вниманието на учениците и имаат особено негативно влијание врз децата што имаат тешкотии во учењето. Дополнително, децата повеќе разговараат меѓусебно и се дружат, што ја поттикнува социјалната интеракција.
Општина Центар ќе продолжи да работи на подобрување на условите за едукација и воспитување на младите, обезбедувајќи балансирано и здраво опкружување за нивни развој.
Исто така, и во училиштата на територијата на Општина Ѓорче Петров е забрането користењето на мобилните телефони во текот на наставата и доколку биде пронајден мобилен, ученикот е должен веднаш да му го предаде на директорот.
(А.П.)