„Правда, убијци, не се плашиме, уа профитери, одговорност, нема правда, нема мир, ние сме системот, цела Влада оставка“, се само некои од пораките што вечерва ги упатија учесниците на протестот за настраданите во пожарот во Кочани, кои веќе пристигнаа пред Владата.
По 16-минутниот молк за 59-те жртви од пожарот во дискотеката „Пулс“ минатата недела, учесниците на протестот побараа транспарентна истрага и одговорност за трагедијата.
Ова не е борба меѓу вас и нас, ова не е борба меѓу партии, ова е борба меѓу чесните и корумпираните. Сакаме системски промени, суштински, а не козметички и додека тие ги полнат своите џебови, ние ќе ги полниме улиците и ќе продолжиме да ги полниме се додека не видиме вистинска промена, е пораката од вечерашниот протестен марш што го организираше граѓанското движење „Кој е следен?“.