Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски покрена иницијатива за почисти и уредни училишни дворови, со вклучување на учениците во одржување на хигиената.
-Важно е да ги мобилизираме децата и да ги поттикнеме да придонесат за почист Центар, започнувајќи од своите училишта. Во наредниот период ќе се реализираат низа активности за чистење и уредување на училишните дворови, согласно насоките што ги дава општината – вели Герасимовски.
Тој додаде дека во зависност од временските услови и загаденоста на воздухот, ќе се спроведуваат соодветни акции.
-Целта е да ја подигнеме свеста на младите за здрави навики и грижа за животната средина, а воедно да создадеме училишта каде што слободното време ќе се користи одговорно и за подобрување на заедничкиот простор – нагласи градоначалникот.
Дополнително, на координативниот состанок со директорите на општинските училишта, се разговарало за воведување училишни униформи од наредната учебна година, откако одлуката беше усвоена на Советот на Општина Центар. Исто така, било дискутирано и за подобрување на училишната инфраструктура и санација на инфраструктурните проблеми.
Градоначалникот Герасимовски одржал и работна средба со менаџментот на општинските градинки, каде што беа разгледани клучни прашања поврзани со подобрување на условите во предучилишното образование.
Утринава, екипи на Општина Центар и на ЈП ПОЦ го исчистија сметот од улиците „Франклин Рузвелт“ и „Павел Шатев“ (Бихаќска), кои се под надлежност на Град Скопје.
– Со камион на Општината, се собра целото ѓубре што беше оставено. Апелирам до Град Скопје и до градоначалничката Данела Арсовска викендов да го соберат сметот од улиците на Центар, каде што имаат надлежност, да не се повтори глетката од минатиот викенд. Мораме да ја одржуваме хигиената во Општината на највисоко ниво, здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина се најважни. Центар не чека, Центар чисти! – вели Герасимовски.
Општина Центар изминатава недела почна голема акција за чистење на сметот од улиците во Центар откако потфрли Град Скопје.
Граѓаните можат да пријават смет и диви депонии на следните телефонски броеви: 076/350-767 и 02/3203-693.
(А.П.)