На иницијатива од учениците од гимназијата „Орце Николов“ од Скопје, 36. изведба на претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“, во режија на Зоја Бузалковска, се играше во вонреден термин.

Актерите деновиве ја имаа честа да играат пред преполна сала со ученици, кои во еден здив ја проследија претставата. По изведбата, тие останаа заедно со своите класни раководители и со училишниот психолог Ана Попризова да ги споделат своите импресии со режисерката Зоја Бузалковска, драматургот Александра Бошковска и со актерите Дамјан Цветановски, Александар Степанулески, Емилија Мицевска, Трајанка Илиева Вељиќ-Таци, Соња Стамболџиоска, Филип Трајковиќ, Златко Митрески, Јасмина Василева и Нела Павловска.

– На некои од клучните места, учениците реагираа токму онака како што би посакал секој режисер, актерски и креативен тим. Восхитени сме од зрелоста на младите луѓе, кои толку точно „прочитаа“ многу од намерите што ги имавме додека работевме на оваа претстава. Анализата, моќта за забележување, потребата да го искажат своето мислење и способноста да се излезе од рамките на очигледното и да се дофатат и најскриените поенти на она што имаа можност да го видат, нè направи навистина среќни и е поттик да продолжиме со оваа практика и понатаму – изјави режисерката Бузалковска.

Романот на Марк Хадсон, „Чудна случка со кучето во ноќта“, е лектирно издание за учениците во нашата земја. Претставата е авторска адаптација на Сајмон Стивенс, направена според мотивите од романот на Марк Хадон.

Од Драмски театар информираат дека ќе продолжат да се организираат вакви посети за гледање претстави со простор за средба, поставување прашања и споделување размисли меѓу учениците и актерите и во иднина и ги покануваат и ги охрабруваат младите луѓе да ги посетуваат институциите од културата и да имаат свои идеи за соработка и проекти преку своите училишта.

 

ИЗДВОЕНИ