Марин Христоски и Алексеј Мицкоски од ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ од Прилеп се национални шампиони на Европскиот квиз за пари 2025 организиран од Македонската банкарска асоцијација (МБА), со поддршка од Народната банка и од Комисијата за хартии од вредност. Учениците со менторката Соња Јорданоска, придружувани од одговорното лице на Одделението за едукација при МБА – Јована Лозановска, со гордост ќе ја претставуваат нашата земја на европското финале во Брисел, Белгија, кое ќе се одржи на 23 мај.
Второто место на националниот натпревар го освоија Ана Грбиќ и Мила Игњатовска од СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“ од Скопје, под менторство на професорката Билјана Ниновска, а третопласирани беа Катја Ивановска и Никифор Кискоски од ООУ „Љубен Лапе“ од Аеродром, Скопје, предводени од менторката Андријана Савеска.
Годинашниот национален натпревар забележа импресивно учество, со 518 пријавени тима од 91 училиште во државата, а под менторство на 104 професори/наставници. За квизот на македонски јазик беа пријавени вкупно 480 тима, додека, пак, за квизот на албански јазик се пријавија 38 тима.
Во вториот круг, чиј домаќин беше седиштето на МБА, се натпреваруваа најдобрите четири тима од првиот, на крајот одредувајќи го најдобриот тим.