Искористување на потенцијалот на образовниот сектор за намалување на ризикот од катастрофи кај децата на училишна возраст, зголемување на отпорноста на училиштата и на образовните институции во случај на непогоди и нивна вклученост во системите за рано предупредување, како и вклученост на младите во креирањето на политиките за намалување на ризиците од катастрофи, се дел од клучните поенти на дијалогот што се одржа во собраниската сала „Борис Трајковски“, во организација на УНДП, македонското Собрание и Амбасадата на Швајцарија.

Настанот беше дел од серијата активности што ги реализира Програмата за развој на ОН за одбележување на Меѓународниот ден за намалување на ризиците од катастрофи, 13 Октомври, поврзани и со проектот за подобрување на отпорноста кон поплавите во Полошкиот Регион, финансиран од Швајцарија, кој го имплементира УНДП, во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Оваа година, Меѓународниот ден за намалување на ризиците од катастрофи се одбележува под мотото „Зајакнување на новите генерации за отпорна иднина“.

– Ангажманот на младите во намалувањето на ризикот од катастрофи не е само суштински за градење отпорни заедници туку и ја поттикнува помладата генерација во градењето лидерски вештини и способности. Еден од првите чекори во ангажирањето на младите е преку образованието. Училиштата и универзитетите може да вклучат управување со ризиците од катастрофи во своитенаставни програми, учејќи ги учениците за ризиците специфични за нивните заедници и како да реагираат ефективно – изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Постојаниот претставник на УНДП ги потенцираше активностите што се спроведуваат на терен, за зголемување на подготвеноста за одговор при катастрофи.

– Програмата за развој на ОН, заедно со локалната власт, ДЗС, ЦУК, пожарникарите, полицијата и Црвениот крст, во Полошкиот Регион досега организираше осум симулациски вежби за евакуација при катастрофи, во кои беа евакуирани над 2.000 ученици. Подготвивме и дистрибуиравме и едукативни материјали, приспособени на возраста на учениците, преку кои тие на интересен начин учат како да останат безбедни при различни непогоди – рече Григорјан.

– Швајцарија инвестираше над 12 милиони швајцарски франци за зајакнување на отпорноста кон поплавите и заштита на локалните заедници во Полошкиот Регион. Овој долгорочен процес е сложен, скап и за негов успех, неопходна е посветеноста на Владата, општините, институциите и, најважно од сè, на граѓаните, особено на младите, кои наскоро ќе ја преземат лидерската функција – изјави Кармен Тоенинсен, регионален советник за води и животна средина во Амбасадата на Швајцарија во РСМ.