Ученици и млади од над 190 земји, меѓу кои и Македонија, од 26 до 29 септември, во Атина, ќе учествуваат на светскиот натпревар по роботика „FIRST Global Challenge“ и годинава ќе се фокусираат на темата „Хранење на иднината“, јави дописничката на МИА од Атина.
Станува збор за годишен натпревар што се нарекува и роботска олимпијада, а нашата земја, како и во изминатите години, ќе биде дел од светскиот собир, кој оваа година се одржува во грчката престолнина.
Македонскиот тим, според официјалната страница на „FIRST Global Challenge“, го сочинуваат учениците Димитриј Митковски, Елени Трпковска, Давид Маневски од средното училиште „Георги Димитров“, ученикот Тимотеј Николовски и Марко Јанкуловски од средното училиште „Јахја Кемал“, како и студентот и програмер Јаков Спировски и електроинженерот Ален Куљеван.
За годишната мисија на натпреварот, во краткото официјално претставување, Димитриј, во име на македонскиот тим, вели дека станува збор за едно од клучните прашања со кои се соочува светот, со оглед дека 735 милиони луѓе во светот се соочуваат со глад, а тие ќе имаат задача да најдат одржливи решенија преку инженерството, да направат револуција во земјоделството и производството на храна за да се гарантира дека никој нема да остане гладен.
Грција за првпат го организира годишниот натпревар по роботика, по иницијатива на Министерството за дигитално управување, а заменик-министерот Константинос Киранакис рече дека е голема чест за земјата и дека напорно работеле за да бидат домаќини на најдобрите светски умови преку нивните 198 репрезентации.
„FIRST Global“ е американска непрофитната организација што има цел да ги инспирира и да ги поттикне младите умови преку науката, технологијата, инженерството и кон математиката. Со обединувањето на младите иноватори од целиот свет за да се фокусираат на клучните прашања како што се безбедноста на храната и одржливоста, ги негуваме вештините и вредностите потребни за создавање порамноправна и хармонична иднина. Атина, со својата богата историја на интелектуална и културна размена, е совршен амбиент за овој глобален настан, вели Дин Камен, основачот на „FIRST Global“.
За четврток вечер, закажано е свеченото отворање на „FIRST Global Challenge“, на историскиот антички олимписки стадион „Панатенаик“ во центарот на Атина, со настап на групата „Black Eyed Peas“ и со парада на сите учесници, додека, пак, в петок изутрина ќе започне натпреварувањето, кое ќе трае до недела.