Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, вчера одржа час по локална самоуправа со учениците од четврто одделение од ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, запознавајќи ги со работата на локалната самоуправа и со тековните активности, но и со тоа како функционира Советот.
Учениците го прашаа градоначалникот како да се намали загадувањето на воздухот, а тој им одговори дека е потребна заедничка стратегија на Градот и на општините за да им се помогне на граѓаните.
– Општина Центар се грижи за здравјето на дечињата, поставени се прочистувачи за воздух во секоја училница во сите осум училишта. Како еден од проектите што ги имплементираме е доделувањето субвенции за купување велосипеди, со што ги поттикнуваме жителите на Центар за екопревоз, како подобра алтернатива. Центар е највело општина, која се грижи за велосипедистите. Но, мора сите општини, заедно со градската власт, да направиме план за проблемот со загадувањето – рече Герасимовски.
Тој потсети дека во изминатите три години значително се подобрени условите во училиштата.
– Во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ го саниравме покривот и обезбедивме сензорна соба. Првачињата од „Песталоци“, но и од сите осум други училишта, добија бесплатни ранци и училиштен прибор. Направивме реконструкција на четири училници и нова спортска сала во „Кочо Рацин“ и изградивме четири нови училници, два кабинета, еден тоалет за лицата со попреченост во училиштето „Коле Неделковски“. Ги саниравме училниците во ООУ „Димитар Миладинов“ и ја реконструиравме свечената сала – изјави Герасимовски по средбата.