Александра Фролих, една од најуспешните германски писателки во последните години, беше пронајдена мртва на нејзиниот брод во населбата Мурфлит во Хамбург. Полицијата започна истрага, а се сомнева дека таа е убиена.
Телото на 58-годишната Фролих го пронашло нејзиното семејство во вторник наутро во нејзиниот пловечки дом покрај брегот на Холжфен.
Случајот веднаш беше предаден на одделот за убиства, со оглед на доказите дека Фролих бил нападната. Властите не дадоа дополнителни детали, освен што соопштија дека е собран форензички материјал и дека е подготвен извештај.
Според информациите на локалната телевизија „NDR“, кои се повикуваат на полициски извори, Фролих била убиена од огнено оружје. Истражителите апелираа за можни сведоци кои можеби забележале сомнителна активност на или во близина на долгиот розов брод каде што живеела писателката, на брегот на Холжафен на реката Елба во источниот дел од хамбуршкиот округ Мурфлит.
Според полицијата, телото го пронашол нејзиниот син во вторник наутро. Полицијата верува дека Фролих починала помеѓу полноќ и 5:30 часот наутро.
„Според моментално достапните информации, членовите на семејството ја пронашле 58-годишната жена без знаци на живот на нејзиниот чамец и ја повикале полицијата, која можела само да ја потврди нејзината смрт. По анализата на трагите и доказите, истражителите сега веруваат дека жената починала од насилна смрт“, изјавил портпаролот на полицијата за локалните медиуми.
Портпаролот додаде дека истражителите проверуваат можни осомничени и разгледуваат дали убиецот ја познавал Фролих.
„Поради времетраењето на истрагата, во овој момент не можеме да дадеме повеќе информации“, рече тој.
Медиумите известуваат дека нуркачи го пребарувале подрачјето на злосторството, со шпекулации дека оружјето можеби е фрлено во Елба.