Возачот на Мекларен, Ландо Норис, изјави дека е подготвен оваа година да се бори за шампионската титула во Формула 1, откако научи многу во текот на минатата сезона.

Норис ги забележа првите победи во кариерата минатата сезона и се бореше за титулата со Макс Верстапен од Ред Бул, завршувајќи ја сезоната на второто место.

Британецот изјави дека е повреден од поразот во таа борба, но дека годинава ќе се врати посилен.

  • Кога ќе сфатиш дека е готово, тешко е. Тоа е она што го правев од дете, тоа е сè што сакав да го правам. И така, штом таа можност се пропушти и заврши – боли”, изјави Норис за Формула 1 подкастот на Би-Би-Си.

Второто место во шампионатот е неговиот најдобар пласман во кариерата, а во борбата за титулата се вклучи во вториот дел од сезоната, кога ја намали разликата во однос на Верстапен. Тој се приближи до 47 бода на четири трки до крајот, но Холанѓанецот го одби нападот со победата во Бразил и ја обезбеди титулата на следната трка во Лас Вегас.

Норис ја постигна својата прва победа во Формула 1 на трката за ГН на Мајами во мај, а сезоната ја заврши со вкупно четири победи и осум пол-позиции.

  • Тоа беше година кога всушност бев доста горд на моите настапи. Горд што настапував под притисок, испорачав кога требаше. Во исто време, направив грешки и научив многу од тие грешки. Така, влегуваме во нова сезона во која потребно е да имаме добар болид. Верувам дека сум доволно добар возач и имам се што ми треба. Возбуден сум за оваа сезона знаејќи дека научив многу, многу се подобрив и подготвен сум да се борам против секој возач. Довербата е нешто со кое се борев во минатото и веројатно изградив доволно во текот на сезоната да можам да кажам: „Уверен сум дека сум доволно добар возач за да ја освојам титулата следната сезона и дека можам да се борам со секој што сака да се бори, порача Норис.

Новата сезона започнува на 16-ти март со Големата награда на Австралија.

 

ИЗДВОЕНИ