„Убавино моја, повторно снегови заврнаа во мојата душа…“ Зорица Поп Панкова трогателно за загубата на својата сакана колешка и другарка

190

Легендата на македонската забавна музика Зорица Поп Панкова и една од трите дами на култната поп-група „Македонија“, позната приватно и како многу ведра и насмеана личност, сега е премногу тажна. Премногу. Во стравотната несреќа во Кочани, таа засекогаш ја изгуби својата драга колешка и другарка Сара Пројковска.

-Сарче, прекраснице моја, мислев дека солзи веќе немам за да те исплачам, а тие не запираат. Еве, вака како на сликата засекогаш ќе бидеш покрај мене, со насмевка и сончевина во твоите очи. Како да ја прегрмам оваа болка по тебе?                         Ајде, кажи ми како што знаеше да ми кажеш: „Mоже ли да го отпееме ова во песната, а јас да ти кажам, ти мене ме прашуваш…“

Сега заминуваш без прашање, а јас останувам нема и скршена од тага. Не требаше така да биде, не требаше… Утре е нов ден, миг кој ќе замине во вечноста, а јас и сите ние кои те познававме засекогаш ќе ја носиме ова болка и споменот за тебе со пелин во душата, но и надеж која нема да заскита некаде во зрнцата песок во пустината на нашиот живот. Од нив некогаш некој ќе направи замок, некој споменик во своите сеќавања за една прекрасна Сара. Или едноставно ќе ги разнесе насекаде каде што заминува твојата душа, за да може секој да ја види твојата волшебна насмевка.  Да го слушне твојот глас и да си спомне за тебе и твоето постоење…

Повторно снегови заврнаа во мојата душа за тебе сонце мое, со ангелски глас и душа планина. Така сакам да ме пречекаш кога ќе дојдам, со песна и сончевина во твоите очи.  До нашето следно видување во срцето ќе те носам убавино моја, напиша Зока и на сите кои исто така ја познаваа Сара им предизвика река од солзи.

ИЗДВОЕНИ